Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Гробот на Тоше нема да се поместува, а во близина ќе се изгради црквa во која после неколку години ќе бидат пренесени неговите мошти (18.12.2007)

Гробот на Тоше нема да се поместува, ова е дефинитивната одлука на семејството Проески, која ќе биде верификувана и на наредната средба на членовите на Координативното тело за заштита на ликот и делото на Тоше Проески, што е најавена за в четврток.

Се одлучи гробот да остане на истото место , а во негова близина да се изгради црквичка која ќе го носи името „Св. Преображение“, како што го носи и манастирот што го градеа крушевчани заедно со Тоше. Гробот нема да се преместува зашто по сите православни канони, три до седум години треба да биде на тоа место, а потоа може да се пренесе во црквата со сите православни обичаи, изјави Анастас Тодор Проески, брат на таткото на Тоше. Имено, како што рече чичкото на Тоше, во моментов се работи и на идејата за спомен-куќата, се разговара околу локацијата (во близина на вечното почивалиште), но најпрво треба да се расчистат одредени имотно-правни односи. Црквата ќе биде во близина на гробот.

 „Сето тоа е на пат да се регулира и напролет, со Господ напред, да се постави спомен-куќата заедно со црквичката во близина на гробот на Тоше“, рече Проески, кој ја поздрави и иницијативата за издавање на поштенската марка со ликот на неговиот внук.

На 15.12.2007 година беше промовирана поштенска марка со ликот на Тоше во споменикот Македониум во Крушево. Марката за првпат во историјата на Македонија е испечатена во милион примероци и ќе има номинална вредност од 12 денари.

„Средствата добиени од издавањето на оваа поштенска марка ќе бидат донирани за хуманитарни цели“, изјави Садула Изаири, директор на „Македонски пошти“.

Во склоп на манифестацијата и чест на Тоше и неговата хуманост, кој и самиот беше крводарител, се спроведе и крводарителска акција. Во домот на Тоше крв дадоа и неговите родители.

извор:
Утрински весник, А1 Телевизија