Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Православниот богословски факултет во Скопје одбележува 30 години постоење (25.12.2007)

Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје вчера ја одбележа 30-годишнината од постоењето. По тој повод на Факултетот во салата „Архиепископ Доситеј“ се одржа свеченост на која присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква г.г.Стефан, Митрополитот преспанско-пелагонски г. Петар, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, Митрополитот повардарски г. Агатангел, Митрополитот европски г. Пимен, Митрополитот г. Горазд, ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Ѓорѓи Мартиновски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници Звонко Муцунски, свештеници, универзитетски професори, академици и студенти.

 

„Во ова 2007 лето Господово ние одбележуваме 30 години од постоењето на Православниот богословски факултет во оваа наша, современа форма (1977-2007) или 1121 година од богословските студии кои биле основа на Светиклиментовиот универзитет во Охрид (886-2007)“, рече во поздравното обраќање деканот на факултетот Ратомир Гроздановски.

 

Светиот архиерејски Синод на МПЦ, посочи Гроздановски, во 1977 година донесе одлука за отворање Богословски факултет и со тоа Црквата создаде највисока духовно-просветна и научна институција за високо образование.

 

Прв декан на Факултетот е тогашниот Митрополит повардарски Гаврил, а подоцнежен трет поглавар на МПЦ. Први професори на Факултетот беа најистакнатите црковно-просветни дејци и професори од Богословијата. 

 

„Овде се развива значајна црковно-просветна, духовна, едукативно-воспитна и научна дејност. Годинава јубилејот го одбележуваме и со тоа што отворивме постдипломски магистерски студии. Ова е големо и многу значајно постигнување. Тоа сведочи за подготвеноста и изграденоста на Факултетот, како и за неговата способност да ги согледа и да одговори на потребите на Црквата, во нејзиното дејствување“, рече Гроздановски, најавувајќи дека Факултетот за неколку дена ќе ја отвори и својата интернет-страница.

 

На Православниот богословски факултет досега се запишале 1.229 студенти од кои во изминатите 30 години дипломирале 248. На Факултетот се запишани 259 студентки од кои дипломирале 46.

 

     

 

      

 

     

Известува: Калина Трпеска