Божикна порака (06.01.2008)
Еве, по милоста Божја, и годинава се удостоивме да го дочекаме Божик и да му се радуваме на спасоносниот настан – на доаѓањето на Бога како човек на земјата.
Раѓањето на Синот Божји од Дева Марија, беше најавено и очекувано уште од старозаветните пророци и праведници, и се случи кога се исполни времето.
Бог слезе од небото на земјата, постана човек за да го спаси родот човечки.
Затоа на тој спасоносен настан, кој донесе пресврт во духовната историја на човечкиот род, му се радуваат и небото и земјата.
Веќе над два милениума, родената Радост во Витлеем, се раѓа во душите и срцата на милиони богољубиви луѓе, се раѓа кај оние кои за свој пат, вистина и живот Го избрале и Го следат „Сонцето на Правдата“.
– Меѓу нив, и меѓу првите народи кои го примија и поверуваа, сме токму и ние во Македонија.
Нашата Татковина веќе 20 столетија е земја на верата во Христа Богочовекот.
Спасението на човечкиот род не дојде ни од земјата, ниту од небото, туку од највисоките височини – од Бога. Самиот Бог слезе од небото на земјата, од вечноста во времето... И сето време, и се што е во времето, свој почеток и свој крај добија во Христа Богомладенецот, соединети во Човекот со Бога.
Овогодишното чествување нека ни биде празнување во мир, во мир со себе, во мир со другите и, пред сè, во мир со Бога.
Само измирени меѓу себе, можеме да бидеме во мир со другите и со Бога.
На својата Татковина, на својот народ и на својата Црква ќе им бидеме од полза ако вистински им припаѓаме и им служиме.
Тоа му треба и тоа го очекува нашиот народ, особено сега во овие времиња полни со најразлични искушенија.
Празникот на Рождеството Христово нека ни донесе духовна радост, нека нè исполни со вера, надеж и љубов, за да можеме вистински – богоугодно да му се радуваме и на овој празник и на сите денови.
Христос се роди – Навистина се роди!
Честито и од Бога благословено Новото Лето Господово!
Архиепископот Охридски и Македонски
г.г. Стефан