Претседателот Бранко Црвенковски им го честита Божик на сите православни верници (06.01.2008)
Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски по повод големиот христијански празник Рожденство Христово БОЖИК, до Поглаварот на Македонската Православна Црква, Архиепископот Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан и до сите верници од православна вероисповед во Република Македонија, упати честитка, во која се вели:
„ На овој голем Господов празник кој се празнува во спомен на Христовото раѓање, ги упатувам своите уверувања и надежи дека Македонската Православна Црква и во иднина ќе продолжи да го дава својот придонес во одвивањето на реформите и интегративните процеси на нашата држава во демократска атмосфера и верска толеранција. Прославите по повод Божиќните празници даваат свој посебен придонес во духовното, културно и национално афирмирање на македонската црковна заедница. Да не заборавиме дека Божик е празник на радоста и мирот, а преку афирмирањето и негувањето на духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, помагање и солидарност, заеднички придонесуваме за подобра иднина и просперитет на сегашните и идни генерации.
Посакувајќи добро празнично расположение, сакам уште еднаш да ги искажам моите искрени желби овие денови да донесат здравје, радост и духовен мир на сите луѓе, а Божиќните празници да ги поминеме дома во кругот на семејството, со што ќе ја прославиме радосната вест за христовото раѓање.“
Кабинет на Претседателот на Република Македонија
Извор: МИА