Комеморација за загинатите припадници на АРМ (14.01.2008)
Домот на АРМ беше претесен да ги прими роднините, колегите на денешната комеморација за трагично загинатите.
Амбасадорите и воените аташеа во Македонија присуствуваа на комеморативната седница, целиот државен и армиски врв, верските поглавари.
„Изгубивме вистински борци за мир, вистински синови на Македонија кои достоинствено ја претставуваа градејќи го мирот“, рече Г. г. Стефан, архиепископ охридски и македонски.
Сите ние во Македонија вечно и со гордост ќе се сеќаваме на нашите херои, кои трагично загинаа на враќање кон Татковината, по успешно завршената мисија во Босна и Херцеговина. Ова денеска го порача шефот на државата и врховен командант на вооружените сили Бранко Црвенковски, на комеморацијата по повод загинувањето на единаесетте припадници на Армијата на Република Македонија (АРМ).
Црвенковски наведе дека „ваква трагична загуба на припадници на своите безбедносни сили, Македонија не памети и нема доживеано во својата понова историја“.
„Несреќата е уште поголема, бидејќи загинаа млади војници и старешини, кои требаше да се вратат дома, во своите семејства, по успешно завршената мисија“, истакна Црвенковски.
Оддавајќи им признание на 11–те припадници на Армијата, Црвенковски рече дека тие биле гордост на Македонија и нејзини амбасадори.
„Само најдобрите во АРМ ја имаат честа да бидат дел од меѓународните мисии во различни делови во светот, каде што нашата држава придонесува за мирот и безбедноста. Токму преку безрезервниот ангажман на овие војници и старешини во последните неколку години Македонија го зацврсти својот меѓународен углед и кредибилитет на држава која може рамноправно со сите останати да се соочи и со најтешките предизвици“, рече претседателот и врховен командант.
По завршувањето на комеморацијата во Домот на Армијата, државните и армиските раководители се запишаа во книгата на жалост.
Мировниците кои загинаа во трагична несреќа на хеликоптерот на АРМ во саботата, во близина на Скопје, ќе бидат погребани во вторник со воени почести.
Денот на погребот 15. јануари во Македонија е прогласен за Ден на жалост.
Извор: Макфакс, А1 Телевизија