Погреб на загинатите војници на АРМ (15.01.2008)
Со највисоки воени почести и последен поздравен плотун денеска се погребани посмртните останки на 11-темина припадници на АРМ кои загинаа во хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце при нивното враќање од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
На гробиштата Бутел во Скопје беа погребани потполковник Тони Спасовски, заставник Тони Давитковски, постар водник Јанко Шириќ и водниците Александар Тасковски и Александар Васиќ, петмина од 11-те припадници на АРМ.
Посмртните останки на мајор Горан Ристовски беа положени на гробиштата во скопски Камник, а на десетарот Златко Вељановски на гробиштата во Драчево.
Во Куманово попладнево погребани се водник Мики Ивановски и капетан Бране Спасовски. На Градските гробишта во Струмица се одржа погребот на заставник Славчо Василев, а во Гевгелијаа на капетан Игор Ѓоревски.
- Летавте на земјата како ангели на мирот, затоа го молиме Господ да ја продолжите мисија, но овој пат како ангели на небото, истакна командантот на воздухопловниот ВИНГ на Армијата на Република Македонија потполковник Владимир Лазаров кој на гробиштата Бутел последен на погребната церемонија се прости со загинатите мировници од АРМ.
- Занемени сме од сознанието за вашата ненадејна и кобна судбина, која прерано ве оттргна од семејствата. Сочувствувајќи со преголемата болка на вашите најмили денеска се простуваме од вас и со сета почит која ја заслуживте, за се што направивте на професионален план, за другарскиот и коректен однос што го имавме со сите вас, се поклонуваме пред вашиот одар и се простуваме од вас пред вашето вечно почивалиште, рече нивниот командант.
- Горди сме што ве имавме како воени старешни и другари, но пред се како лица кои знаеја како професионалци и пријатели да ги споделат работните обврски, тешките моменти и сите оние моменти за кои заеднички споделувавме радост и среќа. Вашата судбинска определба беше војничката професија воздухопловството во гарнизонот Петровец. Како воени старешини пред се посветени на својата должност, чесно и успешно ги извршувавте работните задачи за што добивавте највисоки признанија од вашите претпоставени, истакна потполковник Лазаров.
Командантот на воздухопловниот ВИНГ на Армијата на Република Македонија прочита и телеграма од македонските мировници во Авганистан.
- Работевте како припадници на АРМ и ја извршувавте најблагородната задача која може да ја има човек и војник, донесување мир и благосостојба, се вели меѓу другото во телеграмата.
Последна почит на загинатите македонски мировници на гробиштата Бутел со положување венци им оддадоа претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија Бранко Црвенковски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски, премиерот Никола Груевски, министерот за одбрана Лазар Еленовски, началникот на ГШ на АРМ Мирослав Стојановски, партиски делегации ..., како и голем број граѓани.
На испраќањето на припадниците на АРМ во вечните почивалишта, покрај семејствата, роднини и пријатели на загинатите, присустваа и членови на Владата, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, министри за одбрана на повеќе земји, воени претставници на сите држави членки на НАТО, командантот на ЕУФОР генерал мајор Игнасио Мартин Виљалаин...
Единаесетте припадници на АРМ загинаа во саботата кога хеликоптертот МИ-17 со кој се враќаа во Македонија по шесмесечниот престој во мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина од засега непознати причини се урна кај селото Блаце во Катланово.
Владата на Република Македонија го прогласи денот на погребот на македонските мировници за Ден на жалост. Знамињата се симнати на половина копје, а сите настани и манифестации во земјава се откажани. Во Домот на АРМ во Скопје вчера се одржа комеморативна седница, а Министерството за одбрана отвори книги на жалост.
Извор: МИА