Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Република Македонија се прости од првиот премиер Никола Кљусев (18.01.2008)

Со највисоки државни почести попладнево во Алејата на великаните на градските гробишта Бутел е погребан академик Никола Кљусев, првиот премиер на Република Македонија, кој завчера ненадејно почина на 80 години во својот дом во Скопје. Опелото во соборниот храм на свети Климент Охридски во Скопје го извршија Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот поврадарски г. Агатангел и викарниот Епископ хераклејски г. Климент.

- Го знам од дете, откако се сеќавам за мене. Никогаш не се промени во однос на човечноста и ведриот дух. За таквиот човек денес со огромно жалење сум последниот говорник пред неговото заминување. Личност од оние ретките кој заминува, а останува. Останува со духот, со енергијата, со делата. Личност која остави траен белег во македонската историја. Едноставно стана една од најмаркантните личности во историјата на независна Македонија, историска личност, без стратешка грешка. Во времињата на тешки одлуки, лични закани, во времиња кога требаше истовремено и мудрост и знаење и храброст тој издржа и успеа. Беше привилегија ваква личност да ве советува. Личност чија трага во историјата нема да се избрише никогаш. Таков човек беше академик Никола Кљусев. Ни остави многу, и дела и задачи....Неговата личност беше и ќе остане богатство. Сега веќе е историја и семејна, но и државна. Да го продолжиме она што го започна, рече премиерот Никола Груевски во неговата беседа за починатиот академик.

Тој истакна дека е горд што бил негов современик, пријател и соработник. 

- Никола Кљусев беше човек со душа. Беше човек со бурна историја од партизан во Антифашистичката борба до озлогласениот Голи Оток. Цели 11 месеци. Од економист до академик, од десидент во затвор во далечната 49-та до премиер, министер за одбрана, декан, поет, писател, есеист, автор на голем број книги и учебници од кои се учеше на сите универзитети на тогашна Југославија. Цитиран во илјадници трудови, научник, државник, патриот, верник. Прв премиер на Република Македонија, човек кој знаеше да ризикува во тешки времиња и да каже независна Република Македонија. Премиер на првата експертска влада, ги воведе заедно со останатите во владата првите македонски пари, не се исплаши од моќната ЈНА. Како премиер ја создаде македонската армија, првиот Устав на Македонија, ја стабилизираше хиперинфлацијата, ги формираше првите девизни резерви на Македонија. Го одреди курсот и ги постави темелите на државата, истакна Груевски.

Неговиот влог во остварувањето на сонот на безброј генерации и македонски граѓани за независна Македонија ќе биде запишан со златни букви во историјата на Република Македонија, истакна Груевски, нагласувајќи дека Кљусев како премиер го спроведе референдумот за независна Македонија и прв кажа да живее вечно самостојна и суверена Република Македонија.

- Беше силен и храбар политички, но пред се човек со многу енергија, храброст и упорност. До последниот момент од неговиот живот работеше за да и помогне на Македонија. Со полни 80 години како претседател на Управниот одбор  на Агенцијата за инвестиции се бореше да убеди што повеќе инвеститори да дојдат во Македонија. Тој едноставно влета во клучниот момент и ја заврши клучната работа. Ти благодариме, ти благодариме за се што стори и што беше со нас кога беше најтешко, рече премиерот Груевски.

 

       

 

        

Извор: МИА