Панихида за покој на душата на Тодор Проески (25.01.2008)
Македонија денеска со тага го одбележува роденденот на својот славен жител. Точно во 11.15 часот, кога пред 27 години е роден Тоше Проески, на неговото вечно почивалиште се одржа панихида и молитва за душата на ангелот.
Неговите родители и блиските во неутешна болка заедно со пријателите, соработниците, со стотиците обожаватели и почитувачи на Тоше, беа збрани во болката и тагата што тој, сјајната ѕвезда, не може да го прослави својот роденден.
Панихидата со молитвата за душата на Тоше ја одржаа поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со владиците Петар и Климент.
- Се собравме заедно да се помолиме за покој на душата на Тоше. Не стивнува болката секаде каде што Тоше се појавуваше. Да се помолиме Мајката Божја да го има во закрила. Бог да му подари рајска населба, а на неговото семејство мир и утеха, истакна владиката Петар.
Гробот на Тоше беше прекриен со бројни подароци од обожавателите од цела Македонија и од Балканот. Испишани сите стихови на неговите песни, писмата, пораките подароците пристигнаа за роденденот на нашиот Тоше.
Од менаџерката Лилјана Петровиќ и од неговиот бенд стигна ветениот подарок за неговиот роденден - бас гитарата.
Во Македониумот, песните на Тоше ги свиреше неговиот бенд, а ги испеаја учениците од ОУ „Никола Карев“ од Крушево.
Внукот на Тоше, Кристијан ја откри бистата на својот вујко која ја изработи скулпторот Митко Ташев и која му ја подарува на семејството Проески. Кристијан на роденденот на својот вујко доби подарок, токму ветен од Тоше. Ветените тапани ги доби од бендот на Тоше и од продукцијата Аворд. Кристијан од актерката и пејачката, пријателка на Тоше, Антонија Шола и од Мирослав Поповиќ го прими и подарокот од Хрватска, наградата за музичар на годината за 2007, која едногласно на Тоше му ја доделија хрватските медиуми.
Од пријателите на Тоше од Варна, Бугарија, стигна и слика со портретот на Тоше, која со солзи во очите и бакнеж ја зема неговата сестра Дора.
Градот Крушево денешниот ден 25-ти јануари го прогласи за Ден на хуманоста на градот.
- Болно е за сите нас што го нема Тоше. Можеме само да го паметиме неговиот роденден и само да речам: да се сакате сите како што Тоше тоа го рече. Родендените Тоше ги славеше заедно со родителите, најблиските, со нас соработниците. Му го подарував тоа што знаев дека го посакува целата година. И на крајот ќе го изненадев со уметничка слика, со се што сакаше, изјави менаџерката Лилјана Петровиќ.
Оваа година, рече Петровиќ „му ветив бас гитара. Му ја ветивме со бендот. И ја донесовме. Се што Тоше има е дел на семејството кое несебично ќе ги отстапи за Музејот на Тоше за да допрат до сите. За нас единствено останува да ја исполниме желбата на Тоше: Да си простуваме, да имаме разбирање и љубов меѓу нас“.
Славен Ристески, зетот на Тоше ја спомена желбата на македската мега ѕвезда, која се исполни денеска, но за жал без Тоше.
- На 29-ти декември требаше на внукот Кристијан да му ги донесе тапаните. Порачани беа од Љубљана. Бендот и Аворд продукција ја исполнија желбата на Тоше, рече Ристески.
Пријателката и колешка на Тоше, Антонија Шола дојде од Хрватска.
- Дојдов и денеска на роденденот на мојот колега и пријател Тоше. Тешко е. На внукот на Тоше, Кристијан, му оставив мал крст.
Мирослав Поповиќ дојде во името на хрватските медиуми да го донесе признанието Кристална пирамида за најдобар музичар за 2007 што Тоше го доби.
- Едногласна беше одлуката на медиумите. Тоше безрезервно го заслужи тоа, рече Поповиќ.
Крушево, 25 јануари 1981. Се роди ангелот со славејски глас во семејството на Доминика и Никола. Веселото и скромно дете има обичен живот. Учи во ОУ „Никола Карев“ во својот роден град. Како петтоодделенец првпат настапува јавно на „Златно славејче“ и на влашки јазик ја пее „Јас и дедо ми“. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Патот до славата почнува во Прилеп со победата на тинејџерскиот фестивал „Мелфест“ (1996) и со дебито на штипскиот „Макфест“ идната година со „Пушти ме“. Првиот албум „Некаде во ноќта“ со Авалон-продукција се појавува во 1999 година, а првиот концерт го одржа истата година на скопското лизгалиште во јулска вечер на обилен дожд. Во 2000-та го објавува вториот албум со продукцијата „Авалон“ - „Синот Божји“.
Ѕвездата е родена. Македонската јавност го разбра тоа во 2001 година, кога Тоше ги урна рекордите, одржувајќи четири последователни концерти во Универзалната сала. Наредната година неговата кариера ја презеде менаџерката Лилјана Петровиќ и го издаде третиот албум „Ако ме погледнеш во очи“.
Во 2004 година Тоше го објави четвртиот албум „Ден за нас“ заедно со композициите што ги испеа на домашниот избор на песна за Евровизија. Меѓу нив и „Ангел си ти“ со која во мај во Истанбул настапи на Евросонг и освои 14 место. Со концертот на 29 јуни 2004 стана прв македонски изведувач кој го наполни Градскиот стадион во Скопје.
Со петтиот албум „По тебе“ од 2005 година, Тоше доби статус на балканска ѕвезда. Неговиот успех ги обедини обожавателите од Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора. Наредната, 2006 година го објави шестиот албум „Божилак“ со преработки на традиционални македонски песни и потпиша договор со англискиот менаџер Ричард Енглард и со композиторот и продуцент Енди Рајт. Тоа требаше да му ја отвори кариерата во Европа и патот до светските ѕвезди.
Кобната 2007-ма, кога Тоше одбележа една деценија на сцената, почна блескаво. Во февруари, на Денот на вљубените, настапи во преполната белградска Арена, најголемата сала на Балканот, во јуни освои Гран-при на хрватскиот Радиски фестивал на Хвар, а во септември го промовираше седмиот албум „Игри без граници“ кој, на македонски и на српски/хрватски јазик, за неколку дена беше продаден во десетици илјади примероци.
Последниот концерт Тоше го одржа дома. На 5 октомври пееше на Градскиот стадион пред околу 25.000 публика. Со него, амбасадорот на УНИЦЕФ ја потврда хуманоста - за обнова на училиштата во земјава три часа ги пееше своите хитови. Со љубов за сите. Како и многупати дотогаш, кога донираше за болните и за напуштените деца. Му благодареше на Господ за радосните мигови, за концертите и публиката кои, како што рече, му го продолжуваат животот, верувајќи во подобар свет - „овој еден и единствен“.
Сето тоа збиено во еден кус живот. 16 октомври 2007, 6 и 25 часот, автопат, Нова Градишка, „туарег“, шок и неверување, Македонија во болка, плач, погреб... Луѓе од секаде го посетуваат гробот на Тоше кој во Крушево се врати засекогаш. За да кажат „светот минус тебе во него - малку е!“.
Извор: МИА