До Светиот Архиерејски Синод на Грчката Православна Црква (28.01.2008)
„Нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос” (Филип. 3, 20)
Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенства,
Драги браќа во Христа Спасителот,
Со голема тага ја примивме веста за упокојувањето на Поглаварот на Грчката православна црква, Архиепископот Атински и на цела Грција, г. Христодул.
Од името на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, до вас, браќата архиереи, до свештенослужителите, монасите и верните чеда на вашата Света Црква, ги упатуваме нашите изрази на искрено сочувство и ја искажуваме нашата голема болка и тага.
Со смртта на Архиепископот Христодул, не само Вашата Света Црква, туку и целиот православен свет загуби многу значајна личност, боговдахновен архипастир и Христоподобен првоерарх, исполнет со богољубие и братољубие, кој, како добар пастир, го помина својот живот неуморно работејќи на нивата Господова.
Во последното десетлетие, Архиепископот Христодул, како Поглавар на Грчката Црква, беше препознаен како харизматичен пастир, целосно посветен на современите потреби на својата паства во Еладската земја. Многу негови дела и ставови имаа универзална вредност и веруваме дека уште долго време ќе придонесуваат за христијанството и човештвото.
Последните месеци на неговиот живот ги проследивме со постојани молитви и чувство на сострадување. За нас, борбата на архиепископот Христодул со тешката болест и неговото херојско држење во тој период, станаа образец на смирен и маченички од на Голгота. Се молиме Воскреснатиот Господ да му подари светло место на спокој од кадешто побегна секоја жал, печал, болка и воздишка.
Нека Му е вечен споменот и Бог да го прости.
ОД
КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ