Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Книга што ги возбудува книжевните кругови (02.03.2008)

Книгата „Полигони“ ,потпишана со псевдонимот Галијана Маркова, која ја понесе наградата за најдобра дебитантска прозна книга на издавачката куќа „Темплум“, за два месеца од објавувањето доживеа мал читателски бум, велат од издавачката куќа „Темплум“. Книгата, зад која стои сестра Макрина, игуменија на беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“, одлично се продава во книжарниците и е четиво што во моментов е неодминлив дел од разговорите во книжевните кругови. - Сметам дека оваа книга ќе остави траен белег во македонската прозна традиција - вели Владимир Јанковски од „Темплум“. Според него, фактот што книгата ја доби наградата „Новите“ и го овозможи првичниот публицитет бидејќи тоа што е медиумски експонирано тоа и привлекува повеќе читатели. - Интересна е ситуацијата со „Полигони“ бидејќи авторката е монахиња и живее во изолација. Таа дури и не дојде на доделувањето на наградата. Со тоа придонесе книгата да ја следи одредена доза нејасност и мистичност, што е особено тешко во едно вакво мало општество во кое сите се познаваат - коментира Јанковски. „Полигони“ е збирка од 79 прозни и од неколку поетски записи. Иако Галијана Маркова е измислена личност, нејзините записи не се измислени. „Всушност, толку прецизно се замислени и осмислени што, во целата нивна божемна измисленост, како да добиваат свој посебен живот. Како што и самата Галијана постои исклучително низ сопствените записи. Та така нејзината тетовирана кожа ја изнесуваме на пазар со намера да се вмрежат врежувањата...“, забележуваат издавачите. Критиката оцени дека Маркова не е случаен автор паднат во „поетска екстаза“ или „допрен од бога“. „Маркова повеќе личи на нуркач по бисери (во оние ситуации кога ги отфрла батискафите и скафандерите), на некој што напорно работи за, можеби, да добие само грст кал... Со тоа Маркова, можеби, ја потврдува насетената (но, кај нас никогаш не доволно прифатената!) вистина дека само оној писател што е подготвен на ризичното лишување од воздух - може да замине подалеку и подлабоко“, оценија критичарите.

И. В.

 

Време, број 1304, 01.03.2008