Претседателот упати велигденска честитка до поглаварот на МПЦ и верниците (24.04.2008)
Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски, по повод најголемиот христијански празник Воскресение Христово Велигден упати честитка до Поглаварот на Македонската Православна Црква, Архиепископот Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан и до сите верници од православна вероисповест, во која се вели:
“Дозволете ми, на сите верници од православна вероисповест, Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синод, како и на ценетото свештенство и монаштво, по повод најголемиот христијански празник Воскресението Христово ВЕЛИГДЕН, да Ви упатам срдечни честитки и најискрени желби за добро здравје, благосостојба и мирен духовен живот во празничните денови.
На овој најзначаен христијански празник за сите нас, без кој Христовата вера би била празна и кој ни помага верно да го чуваме нашето народно битие и духовно наследство, сакам да Ве повикам Вас да продолжите како досега, така и во иднина непрекинато да го заложувате Вашиот авторитет и духовна сила за натамошно почитување на верската различност и унапредување на меѓусебната толеранција и соживот на сите граѓани на Република Македонија.
Наша должност е да ги чуваме и почитуваме православните христијански вредности, бидејќи тие нѐ обележуваат како лулка и татковина на писменоста, духовноста и културата на многу народи. Да останеме и понатаму цврсто обединети во заедничкиот стремеж за промоција на овие вредности кои ќе ѝ помогнат на нашата држава во остварувањето на поголема духовна и материјална благосостојба, за да можат сите граѓани да живеат во општество во кое ќе владее солидарноста, праведноста, добрите меѓучовечки односи.
Повторувајќи ги моите искрени желби до Вас лично и до сите верници од православна вероисповест, Ви посакувам Велигденските празници да ги поминете во добро празнично расположение, преку конкретни дела на почитување и пред сѐ, простување, кои се темел за добросостојбата на секое општество.”
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!
Извор: President.gov.mk