Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигденска порака на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан (26.04.2008)

Возљубени празникољупци,

 

            Денот на Христовото воскресение од нашиот благочестив народ е наречен Велигден. И, навистина, нема друг ден - со таков настан, ден со таква победа и ден од кој се роди толкава радост!

            Христос воскрена - и се исполнија пророштвата, се остварија очекувањата и надежите станаа реалност.

            Тој ден е најзначајниот во сета историја на светот и човекот, зашто на тој ден блеснаа светлината и вистината и во тој ден изгреа од Христа Сонцето на правдата.

            Голем е тој ден оти победена е неправдата со правда, зашто со Воскресението и Евангелието извршена е преобразба во животот на луѓето.

            Голем и најголем е овој ден зашто е празник во кој торжествува животот и од кој што извираат љубовта и надежта.

Тој е денот кој ја роди и ја раѓа постојаната радост. А за да ја доживееме и ние радоста од празниот гроб, потребно ни е да се утврдуваме во вистината и правдата, да растеме во љубовта и благочестието, во трпението и милосрдието - да живееме во верата со добри дела. Само доколку нашиот живот го красат такви добродетели - тогаш сме ја разбрале смислата на Настанот од овој ден пред 2000 години.

            Ние сме народ кој знае да се радува на Велигден и на сите празници, како што знае и да трпи страданија, да поднесува голготи и распетија. На овој спасоносен ден посакувам Воскреснатиот Господ да ни дарува сили да истраеме во искушенијата и неправдите, да го зачуваме духовниот мир и националното достоинство, зашто така ни доликува како на древен, охристовен и богољубив, библиски и човекољубив народ, и да покажеме единство во верата и почитување во меѓусебните однесувања.

            Господ Сепобедителот, нека нè чува во радоста на празникот и во љубовта евангелска, за да можеме и да ги почувствуваме и да живееме постојано велигденски. Амин! Христос воскресе!

 

Архиепископот Охридски и Македонски

г. г. Стефан