Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Воскресение Христово во Скопје (27.04.2008)

Најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, во Република Македонија најмасовно беше прославен во Скопје, во соборниот храм на свети Климент Охридски, каде со Воскресната богослужба чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, на која меѓу многубројниот присутен народ беше и претседателот на Република Македонија г. Бранко Црвенковски, како и многу други видни личности од јавниот живот во Републиката.

 

   

 

         

 

         

 

                      

  

          

Велигденско обраќање на Архиепископ Охридски и Македонски Стефан на полноќ од платото на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ - Скопје

 

Нека ни е честит Денот над деновите и Празникот којшто е и повод и потврда на сите други христијански празници. Со Воскресението започнува новото време, времето на единство, времето на радост и победа во Господа: кој е со Христа, тој е ново создание!

Затоа, голема и чудесна е тајната на Воскресението Христово. И само преку тој настан можеме да ги разбереме сите Божји пројави – и во минатото, и во сегашноста и за во иднина. Со Христа се мерат сите вредности, и во времето и во просторот.

Воскреснатиот Христос е сила којашто преродува и преобразува. Ништо така и ништо толку не изврши промена во историјата, во животот на луѓето – како вистината за тридневното сепобедно воскресение. – Оние коишто живеат во Христа тие го носат во себе Неговиот мир, оние коишто веруваат во Христа живеат со љубовта Негова и оние коишто сакаат со Христовата љубов тие се подготвени и да страдаат и да трпат и да поднесат сè заради Христа.

Ние, како православен народ, живееме со Воскреснатиот Господ, со мирот Негов и со љубовта Негова, затоа и ниедна голгота, и ниедно распетие, и ниедно страдање не можат да нè поколебаат во верата дека македонската правдина: и црковна, и национална, и државна, кога – то­гаш ќе победат! Па, ние сè што имаме – имаме благодарение на Христа Воскреснатиот: та затоа во Него и сега најмногу се надеваме и од Него единствено очекуваме да ни помогне да истраеме во сите искушенија!

Господ Воскреснатиот нека биде со сите нас и нека биде така! Амин! Христос воскресе!