Веронаука ќе нè спаси од паганство и суеверие (13.05.2008)
Кога би изгледале посмешни? Кога некој ќе не начека во тесно и ќе не мота со некои “правила”, или кога ќе дадеме согласност нашите деца да посетуваат веронаука? Зарем мислите дека и родителите нема да имаат полза од тоа, дека нема нешто да научат и тие преку своите деца?
Со прославата на Христовото Воскресение, а претходно и на Рождеството Христово -Божик како празници кои некако масовно и традиционално ги обврзуваат луѓето да отидат во црква, за многумина номинални христијани заврши обврската во овогодишниот богослужебен циклус за посета на храмот и животот во Црквата. Сега останува да се надеваме дека некој од нивните ближни ќе ги покани на крштевка, венчавка или пак самите тие да бидат учесници во ваков настан, па да се видиме повторно. Од потреба наминуваат обично кога во рака носат здравствена книшка, индекс, молба за вработување, или пак бинго, лото...
Првите не ги гибаме бидејки одат да се помолат и да испросат од Бога нешто разумно и свето, здравје, а нивната молитва е срдечна, искрена и нелицемерна.
Но, за вторите и третите би споменал една анегдота. Имено: еден свештеник и еден рабин заминале да гледаат бокс-меч. Пред да почне борбата еден од боксерите се прекрстил. Кога рабинот го забележал тоа го прашал свештеникот што му значи тоа. Свештеникот му одговорил: ако не знае да боксува, ама баш ништо.
За четвртите пак би кажал дека тие се оние кои најмногу ветуваат, но и кои најмногу се разочаруваат. Ветуваат од тоа дека ќе ги разделат праведно парите на ближни и сиромашни, дека ќе изградат црквичка, дека ќе стават осветлен крст на некое ридче, а Бог сепак останува глув за нивната молитва. Останува глув или ретко кога одговара на нивните барања од неколку причини. Прво, бројот на оние кои се молат за ваква добивка е секогаш поголем од фондот за добивки на институциите кои ги организираат овие игри на среќа. Второ, Бог како наш Создател ги знае нашите срца и се она што е скриено во нив, па не сака да не воведе во искушение да не си го одржиме нашето ветување за да не се огрешиме, бидејки веднаш по добивката ќе најдеме мал милион причини за да ја оправдаме одново замислената распределба и вложувања на средствата. Трето, се уште ли постојат луѓе што мислат дека на Бога му се потребни црквички и крстови расфрлени на околните ридови само за да се оддолжиме и да обележиме територија?
И веднаш просто разочарување и погрешна претстава за Бога и верата. Како Бог кој е Семоќен не може да исполни едно толку едноставно наше барање?
И сега уште ако наидат на најчестиот декор во црква при овие нивни ретки посети, уште повеќе се плашам од тоа каква претстава ќе си створат за верата и дали од разочараност ќе сакаат пак да дојдат.
А, декорот вообичаено е уште двајца, тројца со исти или слични проблеми и молби со полни раце свеќи, најчесто убедени дека веројатноста за исполнување на желбата во многу зависи од големината и цената на свеќата. Сигурно ќе видиме и некој што со крупна пара ќе помине неколкупати преку ликот на некој светител изобразен на иконата за потоа да ја стави парата на видно место по можност светителот да ја види и парата и дарителот па да се смилостиви и да се застапи пред Бога за него, веројатно убеден дека човечките слабости како митото и корупцијата не се само човечки туку дека тие се и дел од одликите на светителите и Бога. Тоа пак е пропратено со обиди да се направи некое движење со раката што би требало да наликува на крстење.
Во ислучителни случаи може да се наиде и на некој човек што се заколнал да даде курбан. Тогаш ќе видиме едно невино јагне украсено со свеќи на неговите рогови кое го влечат од икона до икона за потоа ритуално да го заколат и тоа пред храмот со убедување дека на Бога му принеле жртва, а всушност направиле бласфемија, обесветување на местото со пролевањето на крвта на невиното јагненце, а може и да нарушиле и некој ден кога се пости. На крај уште и ќе си направат крстови на челата со крвта за да се знае дека се христијани. Овие, обично затоа што се преокупирани со учењето на ритуалот на воведување на јагнето во храмот, неговото колење и мачкањето со крвта, не стигнуваат да ја научат барем основната христијанска молитва Оче наш.
Дополнителна соблазна би била и тоа, ако уште на влезот во храмот наидуваме на некој екстремно “набожен” човек кој како церемонијал мајстор од прва ќе ни наброи еден куп правила и совети од типот ова чини, а ова не чини да се прави, без притоа да ни даде објаснување зошто нешто прилега да се прави, а нешто не. Ќе ни покаже колку, како и каде треба да се крстиме, кај да застанеме, а каде никако не смееме да застанеме, каде да гледаме, како да се поклониме, каде и како да оставиме пара и подарок. Со сето ова ќе ни влее страв во коски дека кој знае што ќе ни се случи ако не ги исполниме или ако неправилно ги извршиме некое од овие “зададени правила”. Може дури, во зависност од тоа како сме облечени, да не ни се даде можност да влеземе внатре и да немаме ни можност да објасниме дека имаме итна потреба да се помолиме.
Ако на овие впечатоци ја додадеме уште и духовноста што зрачи од сите оние гледачи, бајачи, ѕвездословци и квази исцелители кои преку разни контакт емисии во живо толкуваат соништа и растураат магии, а при тоа се повикуваат на авторитетот на некои светители кои ги мачат за да им помагаат на луѓето ставајки ги во разни траги-комични ситуации оние наивни луге кои слепо им веруваат, кај ќе ни биде крајот? А ситуациите во кои запаѓаат се од типот да се скара со комшијата затоа што лошо го погледнал па му фрлил урок, да се исечат дрвјата во дворот и околината за да се исече злото, препораки за да се кружи три пати околу храмот, да се измете, да се отклучи и заклучи црква......
И да не го заборавиме и суеверието кое ни се поттурнува како дел од верата кое преку разни симболики како чукање во дрво за да не не чуе злото, не минување онаму каде што поминала црна мачка за да не не бие малер, скршено огледало и несреќата што ќе не следи седум години, држење палци за срека, баксузи......
Сето ова е сосема доволно за да си изградиме една сосема погрешна претстава за верата и за Бога. Од ваквата слика за Православието ќе си создадеме претстава дека тоа е само држење на форма без суштина, а тоа пак не води кон размислување дека тоа е чисто идолопоклонство измешано со паганство, а не жива вера која ослободува од робството на гревот и ни дава смисла на животот и надеж во живот вечен.
Бог пак погледнат од оваа перспектива повеќе наликува на еден неумолив инквизитор кој ни ја скратува слободата и секогаш чека да згрешиме за да казни или пак наликува на сурово суштество кое од нас бара жртви и покорност, а ни најмалку не наликува на Бог на љубовта каков што ни го опишува Евангелието.
Затоа сега сакам да ја истакнам смислата на сето ова што го наведов погоре во текстот. Заради сите овие појави кои се поистоветуваат со христијанството, веројатно следува и отпорот за воведување на Веронауката во училиштата. Кој родител би сакал неговото дете да изучува за ваква вера и за ваков Бог? Кој родител би сакал неговото дете да го сметаат за конзервативно, глупаво и смешно затоа што се согласило да посетува предавање за верата?
Но, ако веронауката во училиштата ни објасни дека средствата од свеќите и иконите не се за да го смилостивиме Бога туку за да може Црквата да ја продолжи својата историска мисија за приведување на светот и човекот кон вечните вредности на животот во Царството Божјо, и дека собрани околу Телото и Крвта Христови заедно сме Црква која се моли за нас и нашето спасение, ако ни објасни дека последната крвна жртва е Христос и дека со тоа завршило жртвувањето уште пред два милениума, а тоа што нашите предци носеле јагниња во црква не било за да се прави ритуал туку затоа што на тој начин тогаш ја помагале Црквата кога немале што друго да подарат, ако ни објасни дека Бог бара од нас милост, а не жртва, дека е поважно да се каже едно Оче наш или Господи Исусе Христе помилуј ме, отколку да се колат јагниња и да си цртаме крстови со крв на челото, дека како христијани треба да не познаат по добрите дела, а не по крстот на челото од жртвувањето, ако ни објасни дека не треба да живееме во страв туку да имаме слобода пред Бога и дека ако нешто и ненамерно погрешиме нема Бог да не казни со смрт или болест бидејќи ни дал Света Тајна Покајание и Исповед која ја крунисуваме кога се причестуваме со Телото и Крвта Христова која очистува и обожува, ако ни каже дека доцнењето со модата 20-30 години наназад не значи дека си набожен и помил на Бога, ако ни објасни дека искинатите фармерки, тетоважите, обетките и пирсовите не се нешто што не одделува од Бога, а напротив, она што не одделува од Него е лошата претстава или идолот за Него создадена од сите овие аномалии кои векови наназад се провлекуваат во нашата вера, ако ни каже дека светителите се сведоштво на животот Христов и дека не би биле свелтители ако некого измачуваат и му се закануваат на сон, ако ни објасни дека не треба да очекуваме експресно и магично решавање на проблемите со помош на разрешување од магии, туку дека решавањето е преку градење на личносен однос со Него, ако ни објасни дека суеверието и верата се две дијаметрално спротиставени работи, ако сето ова го објасни тогаш не гледам причина за да не ја поддржиме веронауката, бидејки со тоа би ги заштитиле нашите поколенија преку елементарното и точно изложување и исповедување на верата за да не се најдат во некоја од наброените ситуации и да можат да се справат со истите.
За крај, кога би изгледале посмешни? Кога некој ќе не начека во тесно и ќе не мота со некои “правила”, или кога ќе дадеме согласност нашите деца да посетуваат веронаука? Зарем мислите дека и родителите нема да имаат полза од тоа, дека нема нешто да научат и тие преку своите деца?
Митрополит Европски г. Пимен
Извор: Кирилица