Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Манифестација „Денови на Јустинијан I“ (19.05.2008)

Во возобновениот храм посветен на Пресвета Богородица во Скопје, во рамките на  многу значајната за градот културно-историска манифестација „Денови на Јустинијан I“, се одржа Фестивал на старо македонско пеење. Овој фестивал е посветен на хорови кои живо учествуваат во богослужбениот живот на нашата Света Македонска Православна Црква.

Фестивалот го отвори Митрополитот Европски г. Пимен, упатувајќи ни ја оваа прекрасна беседа:

Пред само неколку месеци се собравме за да го осветиме овој возобновен храм и со тоа да ја одбележиме и 50-годишнината од возобновувањето на нашата Света Македонска Православна Црква. Денес, не случајно, на истото ова место еве нè повторно собрани во спомен на раѓањето на еден од најголемите христијански градители, но и личност која и сама се вградила во Црквата како ревносен христијанин и цар, светиот Јустинијан. Светиот цар Јустинијан се истакнал со црковното градителство и законодавство, но не застанал тука. Тој во Црквата се вградил и со својата химнографија, се сретнува како автор на многу црковни композиции, а на сите нам ни е позната Единороден Сине. Токму поради тоа во рамките на оваа културно-историска манифестација се ставени овие хорски смотри. Ако се запрашаме што ги  спојува свети Јустинијан и музиката, ќе дојдеме до заклучок дека Црквата, односно црковните хорови се токму тој спој. Хоровите кои денес ќе настапат не се хорови кои ќе ни интерпретираат световни композиции, туку ќе исполнат дела кои се дел од црковните богослуженија.

...Денес, трет пат по ред, имаме можност да уживаме во оваа културно-историска манифестација, ДЕНОВИ НА ЈУСТИНИЈАН ПРВИ благодарение на Културно-информативниот центар Скопје, а поддржано од Собранието на град Скопје, Министерството за Култура и Евробалкан, како и големиот труд на уредништвото на православниот интернет портал – Преминпортал.

Почитувани, посакувајќи ви пријатни мигови со хорското пеење, а на учесниците посакувајќи им успешен настап, ја прогласувам оваа хорска смотра за отворена и воедно ве поканувам вечер во 19.30 да повелите на промоцијата на Книгата „Статии на Велик Петок и на CD со истите статии во интерпретација на хорот при Македонската Православна Богословија „Свети Климент Охридски, Јустинијана Прима.“

Селектор на Програмата, Гоце Секулоски - проф. на Катедрата по црковно пеење при Македонската Православна Богословија „Св.Климент Охридски", Скопје, во своето обраќање на присутните, посочи:

Во нашата земја настапува време на возобновување, а секогаш имало преродба во Македонија, кога Македонија била во опасност. Јас ќе се навратам двеста години наназад, зашто токму оваа година славиме 50 години од возобновувањето на нашата најсвета Охридска Архиепископија. Нашиот народ ја започна духовната борба, културната преобразба во духот на древните и свети македонски традиции.

Со цел, да се поттикне начинот на произнесување на црковното пеење како посебна уметност, на Фестивалот на старото македонско пеење, за прв пат, се воведува оваа дисциплина. Начинот по кој се пеат светите химни е многу важен во православната химнографија, бидејќи неговата цел е да ја поддржува смислата на светите химни. Во концертниот дел, (Источно-црковно пеење) солисти беа, ученици од Македонската Православна Богословија во класата по црковно пеење на проф. Гоце Секулоски.

 

      

 

      

 

      

 

              

 

           

 

Известува: Преминпортал