Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на патрониот празник на свети Атанасиј во Лешочкиот манастир (17.05.2008)

На 17. 05. ( сабота ) 2008 лето Господово, во живописното тетовско село Лешок, во прекрасниот Лешочки манастир, со Света Архиерејска Литургија и оваа година, традиционално, беше чествуван манастирскиот патронен празник на Свети Атанасиј, посветен во чест и спомен на пренесувањето на светите мошти на свети Атанасиј архиепископ Александриски. Со Литургијата, која започна во 08:30 часот, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение со повеќе свештенослужители од Тетовското и од Кумановското архиерејско намесништво.

            По Божјо провидение, на оваа Света Архиерејска Литургија, покрај поголемиот број на верници, свое молитвено присуство остварија и госпоѓицата Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи при Владата на Република Македонија, академик Петар Илиески, проф. Д-р Стојмир Петров, генерален директор на институтите на Mедицински факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, г. Томислав Стојановски – Бомбај, како и поголем број личности од политичкиот и стопанствениот живот во Тетово и тетовско.

            Свечена празнична беседа по повод чествувањето на патрониот празник на Лешочкиот манастир на Свети Атанасиј, одржа надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил, кој обраќајќи се кон присутните верници рече:

                    

              ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ !

 

Браќа и сестри во Господа, почитувана госпоѓице министер за внатрешни работи при Владата на Р. Македонија, почитувани гости и пријатели на нашата Света Македонска Православна Црква

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

Радоста што извира од искреното, молитвено, братско и сестринско христијанско другарување ги храни, ги освежува и ги оживотворува нашите души и срца и нѐ исполнува со безгранична радост и среќа. Нѐ прави да бидеме почовечни, не прави да бидеме похумани.        

            Топло и со најискрени братољубиви, архипастирски чувства на длабока почит, Ве поздравувам, сите добредојдени на ова наше молитвено празнично чествување на големиот архипастир, светиот Атанасиј Велики, архиепископот Александриски. Светата служба ја посветивме во чест и спомен на пренесувањето на моштите на свети Атанасиј и големиот број чудеса што се случиле при тој настан. Голем број болни и безнадежни очајници, кои Господ Ги удостоил да се допрат со силна вера до светите целебни мошти, добиле исцеление од тешките телесни и душевни болести.

            Во ваквите празнични молитвени мигови браќа и сестри во Господа, кои како христијани ги доживуваме како голем Божји дар, на најубав начин ја осознаваме и ја вдишуваме вознесенската светлозрачност на Христовото Воскресение, особено кога сме почестени и со еминентни ценети личности на нашата власт, меѓу кои денес со нас, во нашата средина, во овој свет манастирски новообновен Божји храм, е и госпоѓицата министер за внатрешни работи Гордана Јанкулоска (со нејзините ценети соработници.)

            Македонското православие, со својот творечки елан, е духовно огниште од кое зрачеле со векови творечки импулси, за надградба на моралниот лик на Македонецот во сите области на културно-просветното и духовно созревање и осознавање, и создавање на епохални дела, значајни не само за македонскиот народ, туку и за сите словенски народи, дури и пошироко.

            Дарот на културното богатство создадено на просторот од нашата родна и мила татковина Македонија е голем: писменост, духовност, книжевност, грандиозни градителства на сакрални молитвени објекти, сликарство, музика, песна, фолклор и специфична традиционална православна животна философија на нашиот благороден македонски народ.

            Делата, и духовната и материјалната култура на македонскиот народ и на Светоклиментовата Македонска Православна Црква, се неизбришливи и вечни. Македонскиот народ отсекогаш бил и останува да биде достоен, славен и горд на своето (за жал повеќе макотрпно и ропско), отколку славно и среќно многустолетно историско минато.

            Добрите дела, браќа и сестри во Господа, се добро огледало за еден народ, за да бидат насекаде видени и чуени. Затоа да создаваме што повеќе добри и хумани дела. Да го посветиме животот на она што нѐ прави да бидеме горди македонски синови и ќерки и примерни христијани. Да се клониме од лошото, од непријателствата и од омразата, бидејќи тие претставуваат и се најстрашниот отров на светот.

            Ова, 2008-лето Господово, е од особено значење за верните македонски чеда, без оглед каде тие и да се, по сите меридијани од земнината топка, во демократските Соединети Американски Држави, демократска Канада, далечна Австралија, Нов Зеланд и западноевропските земји. Веќе отпочнавме сите овогодишни верски празнични чествувања да ги збогатуваме и со значајни содржини, преку што со радост го истакнуваме и 50 годишното бериќетно творештво, развој и растеж на нашата возобновена древна и славна Охридска Архиепископија како самостојна Македонска Православна Црква. Тој историски настан од 1958 година, беше предвесник за обнова на целосната автокефалност во 1967 година, на нашата Света Македонска Православна Црква. На овој децениски јубилеј му се радувавме минатата година.

            Љубовта Христова и силниот, искрен, нелицемерен патриотизам прави чуда. Тие  се семоќни. Свети апостол Павле, кој чекорел и го сеел евангелското семе по светата библиска и апостолска македонска земја, ни порачува: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи“. Човекот проникнат со љубов не мисли зло; не завидува и се радува на успесите на другите.

            Во отсуство на љубовта, се раѓа омразата која води кон црковно и национално неединство. Делува разорно на нашиот сеопшт македонски организам и го ослабува нашиот заеднички црковен, национален и државотворен организам. Само ако бидеме проникнати со христијанската љубов и чесен патриотизам, ќе можеме да јакнеме во љубовта кон татковината, кон нашиот македонски народ, кон нашата Света Црква и кон сите народности, со кои што Господ нѐ насадил да живееме на просторот во родна и мила Македонија.

            Божјата вечнoст и светлина, ние Македонците ќе можеме да ја доживееме во сегашноста, доколку сме успеале преку силното единство да создадеме што повеќе добри и трајни епохални дела, за својот народ, за својата државата и Светата Црква. Дела хумани – угодни на Бога. Само така ќе можеме да ја сочуваме вечноста на Македонија и на македонскиот народ, а со тоа и светоста и вечноста на Македонска Православна Црква.

            Без опстој на нашата суверена татковина Македонија, нема опстој на македонскиот народ (на македонската нација). Без опстој на македонскиот род нема опстој на Македонија. Без опстој на Македонија и на македонскиот народ нема опстој (нема живот) и на нашата жива и делотворна автокефална Македонска Православна Црква. Тоа се нашите три гранитни темелници, кои треба да ги сочуваме, да не ни ги поместат душманите, за да ја обезбедиме вечноста на македонскиот род и пород и да се радуваме на полнотата на црковно-националната слобода. Да Му благодариме на Бога што нѐ умудри, та успеваме да ги откопаме нашите длабоки корени, со векови затрупувани од душманите.

            Да му го одземеш името на еден народ, да му го осакатиш неговиот национален идентитет, да го лишиш од неговиот национален идентитет, да го лишиш од неговото многустолетно создавано културно-историско наследство, е исто што и да му ја земеш душата, да му го земеш животот. Какво злосторночко безумие! Господи, прости им зашто навистина не знаат што прават, некои од нашите соседи со нивните помрачени умови. Очи имаат, слепи се! Уши имаат, глуви се! Не сакаат да ја согледаат вистината, дека на овие простори опстојува суверена македонска држава, македонски народ, со своја автокефална Македонска Православна Црква. Сѐ уште се заробеници на своите, алчни апетити – со цел да приграбат што повеќе од туѓото, од нашето – од македонското.

            По примерот на сите коишто се насадени на планетата мајка земја, создадени сме од Бога. Создаден е и нашиот богољубив македонски народ, да живее во мир и во слобода, во своја суверена демократска држава и во своја автокефална Православна Црква. Затоа и од ова возобновено древно светилиште, им порачуваме на сите, кои посегнуваат по честа, достоинството и гордоста на богољубивиот македонски народ, дека она што Господ го создал да живее и да опстојува, ќе живее и ќе опстојува, се додека векот векува и светот светува! Од Бога сме создадени да живееме и ќе живееме! Зашто Тој, сполај Му Нему, нѐ воздигнал и нѐ возвеличал, вградувајќи нѐ во Книгата на мудроста над мудростите, во Книгата на вечноста, во Светото писмо, каде што како народ се спомнуваме преку 35 пати.

            Но, ако ли безброј доблесни македонски синови и ќерки умееле, кога требало, еднаш храбро и херојски да умрат за Македонија и за честа, гордоста и достоинството на својот народ, и на својата Црква, наш свет патриотски долг е, и нека биде засекогаш, достојно, и само достојно, и целосно со умот и душата, предано, да ѝ припаѓаме и да живееме за Македонија, да создаваме трајни дела за добробитот на својот народ и Светата Црква, за и тие вечно да живеат и да творат за нас и со нас.

 Ни се случуваат многу неубави работи. Време е! Време е! Да се издигнеме себеси во интерес на највозвишените цели и идеали, за татковината, за македонската нација и за нашата света Црква. Секирата на раздорот, длабоко да ја закопаме во земја, за не таа само да р’ѓоса, ами целосно да скапе, да изгние. Единството национално, црковно-духовно е најсилната гаранција за наш вековит опстој и на просторот од нашата родна и мила татковина Република Македонија и насекаде каде што нѐ има.

            Божјата воскресенска светлина вечно нека зрачи во нашите души и срца и во нашите христијански домови.

            Да Му се молиме на Воскреснатиот Спасител Неговиот евангелски мир, час поскоро да зацари во нашите македонски простори, та час поскоро, ние како суверена држава, како македонски народ, да се најдеме и да седнеме на заедничка трпеза во НАТО и Европската Унија, но секако, се разбира, безусловно на исто рамниште со сите, како суверена Македонија, со своето свето, крстено, неменливо и неминливо име и со својот благороден македонски народ. Господ нека ни дарува мир и благосостојба на просторот од родна и мила Република Македонија, нека ни биде честит и за многу години патрониот празник, на ова древно манастирско светилиште.

АМИН!

 

            На оваа Божествена Архиерејска Литургија со своето ангелско пеење и со својот докажан уметнички квалитет, настапија членовите на женскиот младински хор „Менада“ од Тетово, под диригентско водство на маестро Ивица Зориќ. 

            Оваа година славски колачи по повод чествувањето на патрониот празник во Лешочкиот манастир, принесоа вработените во „Макпетрол“ и нивните благочестиви христијански семејства од Тетово, како и Слободан и Елида со своето благочестиво христијанско семејство од Скопје.

            По завршувањето на Божествена Архиерејска Литургија, во холот на прекрасниот манастирски конак, веднаш пред влезот на параклисот на светите Кирил и Методиј, во непосредна близина на спомен-собата на македонскиот просветител, духовник и преродбеник, игуменот Кирил Пејчиновиќ, беше извршено свечено отворање, на постојана изложбена поставка, на поголем број слики, оригинални цртежи, фотографии и стар документиран материјал, како и на манастирски тапии од турскиот период, кои се од огромно црковно-духовно и културно-просветно и историско значење за Лешочкиот манастир, како и за Тетово и тетовско, а и пошироко.

            Автори на оваа изложбена поставка се г. Илија Петрушевски и г. Борис Момироски – Лешанин, и двајцата по потекло родум од Лешок. Инаку, оваа постојана изложбена поставка се отвора по повод одбележувањето на 109-годишнината од возобновувањето на Лешочкиот манастир, како и по повод 50-годишнината од возобновувањето на самостојноста на Светиклиментовата Македонска Православна Црква.

            Во оваа свечена пригода, беше промовиран и изложбениот каталог, составен од гореспоменатите автори, а со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Издавачи на овој изложбен каталог се здружението „Лешок“ и настојателството на Лешочкиот манастир.

            Изложбената поставка, за отворена ја прогласи г. Борис Момироски и во своето кусо обраќање до присутните, јавно му се заблагодари на почитуваниот Дедо Владика, како и на проф. Д-р Стојмир Петров од Скопје, кој и го финансираше печатењето на изложбениот каталог.

            Додека пак, промотор на оваа изложбена поставка беше научниот работник и археолог проф. Д-р Коста Балабанов од Скопје, кој, потенцирајќи го вложениот труд и исклучителното културно-историско значење, на содржината на оваа постојана изложбена поставка рече: „Јас прво би сакал да кажам дека промовирам една изложба, коjашто ја создадоа со многу труд и многу љубов двајца Лешочани, и се разбира во себе имале некој завет, да направат нешто за овој манастир и тоа го направиле извонредно добро, затоа што успеале да соберат документи, воглавно фотографии, кои што по еден хронолошки ред ја презентираат историјата, премрежијата и сѐ она што се случувало низ еден временски период од, да речеме 200 години. Кога спомнав 200 години, се разбира морам да објаснам зошто не и од порано. Заради тоа што фотографијата како техника беше откриена кон средината на XIX век. Јас ова го споменувам со тенденција да ви кажам дека во 1860 година, во Велес постоел еден зограф Коста – Зограф, кој што работел по манастирите. Меѓутоа засега уште е необјаснето, како тој на Балканот бил првиот кој што се запознал со техниката на фотографијата и на иконите, на кои, кога ги правел, од задната страна се потпишувал како хаџи – Косте Зограф и фотограф. Ние се трудевме долго време да пронајдеме некои траги од тие негови фотографии, од таа негова дејност, меѓутоа до сега не успеавме да најдеме нешто што би можело да биде потврдено и што би можело да укажува кој бил интересот на хаџи – Косте Зограф. Јас се разбира како промотор на оваа изложба на фотографии немам намера да раскажувам што имаат напишано авторите во нивниот каталог, вие каталогот ќе го имате и ќе прочитате. Меѓутоа, мислам да укажам на еден факт, кој што подолго време јас лично го истражувам, а тоа е, како, и кога настанал манастирот во Лешок, и кои биле причините што во тој манастир долго време се наоѓало едно монашко братство. Прво би сакал да кажам дека уште во 1953 година, кога бев испратен да прегледам што открил еден селанец во една нива, тука долу под Лешок, констатиравме дека таму има остатоци од еден антички град. Подоцна, сега покојната, д-р Блага Алексова, вршеше ископувања во тој дел и констатира, дека практично се работи за еден прилично голем, и значаен антички град, којшто бил од стратешко значење на патот на оваа комуникација, помеѓу овој дел од Македонија и северниот дел од Балканот. Значи, овде во периодот пред освојувањето на Македонија од страна на Рим, веќе имало еден солиден град. Во подоцнежниот период, кога во регионот, а посебно кога во Скопје е изграден и почнува да функционира, еден од најголемите манастири на Св. Георгиј - Горга, кој што бил веќе основан и нормално функционирал во X и XI век, во времето на Самуила, во истиот тој период и овде имаме веќе манастир кој што оставил траги. Но, археолозите истражуваќи во овој регион, открија дека на местото на подоцнежниот храм на свети Атанасиј, се наоѓаат практично остатоци од една ранохристијанска базилика од VI век. Според тоа, во VI век христијанството во Македонија е во многу голем подем. Јас би сакал да кажам дека христијанството во Македонија  во V и VI век е во таква ситуација, да има веќе неколку генерации на епископи. Нас ни се познати имињата на епископите во Стоби, а познато ни е името на епископот во Скупи. Јас претпоставувам со поголема сигурност дека и овде имало епископски центар. Ако овде, во овој град, имало епископски центар, тогаш е многу логично и се знае зошто овој регион подоцна станува едно значајно христијанско средиште. Оттогаш, од пред 1600 години до денес, во суштина, на овој простор, ниту за еден момент не згаснало христијанството. И покрај одредените ситуации, како што било на пример освојувањето на Полог од страна на османските Турци, би можело слободно да се каже, дека ако имало некаква светлина во овој период, таа светлина доаѓала и била единствено овој свет манастир. На таа светлина практично подоцна и помогнале одредени луѓе, коишто веројатно имале Божјо вдахновение, да станат носители на развојот на христијанството овде, односно да станат монаси. Затоа што, во поголем период, знаеме дека овде имало големо монашко братство. Јас претпоставувам, дека овој манастир овде, бил од светогорски тип. Што значи, манастирот имал тврдина и кули, и дека во него, кој што се наоѓал на ридот, овде горе, во одреден временски период, тоа би можело да биде во XII, XIII  век, веќе се покажала потребата од заштита на населението во регионот. Манастирскиот комплекс бил ограден и оформен да служи и како одбрана на населението од овој град и од овој регион. Значи, целта ми е да кажам дека ние сега се наоѓаме на тлото на еден манастир, кој што е свет и го содржи во себе целокупното паметење на развојот на христијанството, не само во Полог, туку и во Македонија. Исто така, би сакал да кажам дека Кирил Пејчиновиќ, бидејќи имал проблеми околу печатењето на своите книги, беше испратил неговото дело да се печати во Крагуевац и кога таму не му го прифатиле, Кирил Пејчиновиќ и Синаитски се договориле и отвориле печатница во Солун. Таму печатницата откако почнала да работи, набргу после тоа, нејзините простории пламнале. Јас, размислувајќи на некои работи што сега ни се случуваат, си реков дека ова што ни се случува има корени уште од времето на Синаитски. Значи, уште од тоа време, тоа што Македонците сакале да го направат, другата страна постојано настојувала да го руши. Но, и покрај тоа ние денеска имаме, што ќе го видите и на оваа изложба, изворни податоци за тоа какво дејание имал Кирил Пејчиновиќ, како целата таа работа на крајот имала културни и просветни резултати, и како овој манастир продолжил да зрачи. Јас како конзерватор во првите години по ослободувањето, веќе бев во манастирот на свети Атанасиј, кога сѐ уште од таму не беше изнесен иконостасот, кога сѐ уште постоеше саркофагот на епископот и кога сѐ уште имаше остатоци од фрески. Но, тоа што во континуитет честопати им се случувало на верските објекти, во 2001 година се случи и овде. Сето тоа точно покажа дека ова место е неуништливо, дека никој во суштина што се обидел во еден период да го тргне од својот видик, не успеал. Јас се надевам дека и понатаму овој манастир ќе зрачи, а сега ве повикувам да ја погледнеме изложбата, во која што се наоѓаат овие фотографии што ги спомнав, дело на Илија Петрушевски и Борис Момировски. Тие како автори успеале да соберат тоа што можеле, и јас ви кажувам дека тоа што овде ќе го видите, никаде на друго место, собрано на едно место, не можете да го видите. Затоа повелете да ја погледнеме изложбава“.

            Во оваа пригода Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, на министерката за внатрешни работи, госпоѓицата Гордана Јанкуловска, како и на ценетиот проф. Д-р Стојмир Петров, им подари по еден примерок од книгата „Монографија за Лешочкиот манастир“.

            Понатака, свеченоста, по повод сите овие вредни настани беше збогатена со богата културно-уметничка програма и настап на КУД „Бранко Чајка“ од Тетово, и КУД „Извор“ од Јегуновце, како и настап на повеќе естрадни уметници од Тетово и пошироко, и истата продолжи до попладневните часови.

            Во текот на овие патронски празнувања на 17 .05 (сабота), Лешочкиот манастир го посетија и поголема група на пензионери од Радовиш, кои во манастирот пристигнаа со шест полни автобуси. Тие во овие свечени мигови, имаа можност да се запознаат со убавините на живописното, долнополошко, подгорско село Лешок, како и со величенствениот и легендарен Лешочки манастир.

  

        

 

        

 

       

 

       

                                     Подготвил :

                       свештеник : Жарко Мицковски, професор