Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветен новоизградениот храм во Чифлик – Кочанско (19.05.2008)

На 18. 05. 2008 година, во Неделата посветена на раслабениот, се изврши чинот осветување на новоизградениот храм во с. Чифлик, посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец. Храмот е изграден, во најголем дел, со средства од месното население и средства – донации од поединци и работни организации. Чинот на осветувањето го изврши Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, со Митрополитите Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Брегалнички г. Иларион, во присуство на многуилјаден народ.

По осветувањето беше отслужена Света Литургија, по која Поглаварот на Македонската Православна Црква одржа вдахновено слово, при што зборуваше за градбите на цркви во нашата библиска земја од првите векови, за градбите во времето на Свети Климент и Свети Наум и така, сè до денешно време, а на крајот упати порака за продолжување на ваквите градби, но и градби од живи цркви, односно црквата нашиот народ да ја гради и носи во своето битие.

Надлежниот епархиски Архиереј, Митрополитот г. Иларион, им заблагодари на Поглаварот на нашата Црква г.г. Стефан и на Митрополитот Тимотеј, кој беше придружуван од Неговото Високопреподобие архимандритот Нектариј – игумен на манастирот на Свети Наум Охридски од Охрид, за нивното учество во оваа несекојдневна радост на Брегалничката епархија, односно на Македонската Православна Црква, а исто така, заблагодари и додели благодарници на православниот народ од Чифлик, Иницијативниот одбор и на парохискиот свештеник – отец Васо Николовски, и на сите кои дадоа свој допринос и се вградија во изградбата на овој свет храм, чија изградба траеше неполни четири години, а во поголем дел е и фрескоживописан.

На крајот, во кругот на црквата, за сите присутни беше организирана заедничка трпеза на љубовта.

 

          

 

            

 

            

 

            

 

            

 

Известува: ѓакон Саше Ристов