Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Македонска делегација во Рим (25.05.2008)

Вчера, на празникот на светите рамноапостолни браќа Методиј и Кирил, делегација на Македонската Православна Црква составена од Архиепископот Охридски и Македфонски г.г. Стефан, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Епископот Хераклејски г. Климент, се поклони на гробот на свети Кирил во Рим.

 

 

СЛОВО ЗА СВЕТИ КИРИЛ

 

 

Возљубени почитувачи на свети Кирила, возљубени во Господа,

Оваа 2008 година, од УНЕСКО, е прогласена за година на јазиците, а Владата на РМ ја прогласи за година на македонскиот јазик. Токму затоа, иако со јазикот живееме секојдневно, овојпат со особен повод се потсетуваме за местото и значењето на сè она што е најдиректно поврзано со нашиот јазик: кирилицата, книжнината, културата... А, има ли подостојно место за да испратиме порака за значењето на јазикот и азбуката, од ова свето место, од гробот на свети Кирила – творецот на нашата азбука и писменост, нашиот и сесловенски рамноапостол и просветител?!

Но, не само заради овие поводи сме денес овде, и на ова место. Македонија и МПЦ се силно проникнати со духовното величие и делото на светите Браќа. Веќе 40 години, на денешен ден, со такви чувства на благодарност доаѓаме во Вечниот Град, за да се поклониме пред светите мошти на свети Кирил. Зашто, ако треба некому да сме му благодарни што нашиот јазик, говорен во солунско, постана јазик угоден на Бога и прифатен од многу народи, треба најмногу да му благодариме токму на светителот пред чиј гроб денес стоиме. Негова, и на брат му Методиј, е заслугата што нашиот старомакедонски јазик, именуван како старо­словенски и црковнословенски, постана богослужбен а со тоа и свет јазик, ползуван, со мал исклучок, од народите на Балканот, па преку Моравија и Панонија сè до Киев и Владивосток.

Од средината на IX век па наваму, преку делото на светите Браќа, нашиот збор и нашиот јазик постанаа средство со кое се воспостави комуникација не само меѓу народите во поголемиот дел од Европа, туку, преку светите богослужби и молитви, и со Бога. Тој јазик источи слатки и животворни зборови и го нарекуваме многугласен јазик од кој му огреа на мојот народ светлина од вечниот Троичен Бог...

Возљубени,

Јазикот е дар Божји, кому „и смртта и животот му се потчинети” (Изрек. 18, 22), кој, како средство за комуници­рање, им е даден на народите и тоа „секому свој јазик”, како што запишал пророкот Мојсеј (1 Мој. 10, 6). Некогаш, „по целата земја бил еден јазик и еден говор” (1 Мој. 11, 1). Со размножувањето и распространувањето на народите, а со тоа и на јазиците, дошло време истите и да не се разбираат меѓу себе (5 Мој. 28, 49). Така, како сведочи Естира, секоја област имала свое писмо и секој народ имал свој јазик (сп: Ест. 1, 22).

Затоа, кога Моравскиот кнез Ростислав од Византискиот император побарал учител „кој на наш јазик ќе ги објасни христијанските вистини”, императорот Михаил ги одбрал вонредно даруваните со мудрост и знаења браќа од Солун, велејќи им: - Вие сте солунчани, а бидејќи таму се говори тој јазик, друг како вас не ќе може да ја изврши таа мисија меѓу словенските народи.

Свети Кирил, кој веќе сецело Му бил посветен на Бога, откако Му се помолил, му било откриено писмото - буквите за јазикот на Словените. Така, неговите пречесни прсти поставија духовен органон и го украсија со златозрачни букви...

На тој начин, преку делото на светите Браќа, се удостоивме со нашиот јазик низ Европа да се пренесуваат и објаснуваат христијанските вистини, се удостоивме на нашиот јазик да се богослужи и на нашиот јазик да се преведат и Светата Библија и богослужбените и другите потребни книги. Така, тој наш јазик влезе во семејството на литургиските и книжевните европски јазици. Со тој наш јазик, пред повеќе од 11 столетија, го прегрнавме поголемиот дел од Европа и преку него станавме рамноправни со другите народи во духовната и културната заедница на Европа.

Преку делото на светите Браќа, како народ македонски, со словенските народи станавме браќа во словото и во книжнината, а пак, по дух, и во молитвата и богослужбата - браќа со сите христијански народи. Тоа што преку делото на солунските Браќа ѝ го дадовме на Европа пред 1150 години, и денес е наша македонска гордост и сеопшта цивилизациска вредност.

Давајќи им го јазикот и писменоста на народите во Централна и Источна Европа, покажавме дека она што од Бога ни е нам дадено, всушност, преку нас им е дадено и на други. Враќајќи се 12 века назад, во историјата, ќе потсетиме дека тогаш, во денешна смисла на зборот, „европјанин” се стануваше токму преку Македонија - вратата на европското христијанство, култура и цивилизација. Затоа, нецивилиза­циското и нехристијанско однесување кон нашата држава и народ е негирање на темелните вредности на демократијата.

 Свети Кириле, денес во твојот и наш Солун е камен на камен од твоето дело! Денес во твојот роден град сѐ е пепел и прав и нема слобода ни за книга, ни за буква, ни за слово од јазикот твој и наш. Во крајот во кој сите тогаш говореа како тебе и како ние денес, во ова наше време забрането е не само говорењето и молењето на тој јазик, туку и постоењето. Денес, за жал, таму однесувањето е полошо од она на тријазичниците во твое време. Светителе, денес е сѐ урнато од она што би потсетило и на тебе и на нас, и во Солун, и во Кукуш, и во Лерин, и во Костур. Таму не само живите, туку и покојните немаат мир... Дури не се поштедени ни иконите и фреските што потсетуваат на тебе и на нас... Таму се прогонува и протерува сѐ што е македонско и се негира и името на земјата, и името на Црквата, се негира - вистината. Македонија сѐ уште е распната и страда! Но, ќе истрае и ќе победи: и заради себе и заради правдата.

Тоа е, веруваме, и твоја и Божја волја!

Возљубени, 

Нека ни е честит и вековит празникот! Свети Кириле, моли Го Бога за нас и за сите народи! Амин!

Христос воскресе!

 

 Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан

 

                                          

Извор: МИА