Рускиот патријарх Алексиј го одликува амбасадорот Златко Лечевски (26.05.2008)
Патријархот на Руската Православна Црква Алексиј Втори, со орден „Обединетост“ го одликува Златко Лечевски, амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација. Вакви одликувања, кои се доделуваат по повод 60-годишнината од Обединетите нации, Московскиот патријарх во саботата им додели само на петмина амбасадори од светот. Одликувањето се случи по традиционалниот молебен што го одржа московскиот патријарх заедно со свештенството на Руската Православна Црква на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Претходно, македонска делегација предводена од амбасадорот Златко Лечевски положи цвеќе на споменикот на словенските просветители на Славјанскиот плоштад во Москва. Годинава првпат меѓу дипломатите што им оддадоа почит на браќата Кирил и Методиј беа и претставниците на Грција и на Кипар. Орденот „Обединетост“ е второ високо одликување за нашиот амбасадор во Руската Федерација. Минатата година, на 24 мај, на амбасадорот Лечевски му беше врачен медалот „Св. апостоли Кирил и Методиј“, кој се доделува за унапредување на словенската култура.
Извор: Утрински весник