Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Поклонението пред Светиите е поклонување на Бога (27.05.2008)

„Браќа архиереи и свештенослужители,

Ваши Екселенции,

Возљубени во Господа -почитувачи на свети Кирила и неговото дело,

 

Еве, како дел од годинашнава манифестација во чест на свети Кирил, свое место најде и книгава што е пред нас - со наслов „40 поклоненија пред гробот на свети Кирил Философ во Рим”, од авторите Вера Стојчевска Антиќ, Славе Николовски-Катин и Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски Климент.

            Самиот наслов ни ја открива содржината на оваа книга: во неа се поместени информации за доаѓањата на делегациите - државни и црковни, од далечната 1969 па сѐ до оваа 2008 година. Манифестацијата започнала кога во 1969 г. во Македонија и меѓу словенските народи се одбележале 1100 години од упокојувањето на свети Кирил. Од таа јубилејна година, кога црковно-државната делегација дошла првпат официјално да се поклони пред големиот просветител и рамноапостол, па сѐ до оваа - четириесетта по ред, во име на македонскиот народ, доаѓале претставници на државната власт, на просветни институции како и делегирани претставници на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, за да искажат почит и благодарност за големото дело на свети Кирил. 

Од 1970 до 1978 година манифестацијата се именувала како „Денови на македонската култура во Рим”, за потоа да се преименува во „Југославија во чест на свети Кирил”, и така сѐ до 1991 г., до распаѓањето на тогашната државна федерација, за потоа да продолжи со поранешното име – „Денови на македонската култура во Рим”.

            Во книгава, авторите многу внимателно се погрижиле, најпрво, да поместат неколку, поточно, шест текстови, во кои се објаснуваат личностите на светите браќа, нивните мисии и дела, како и нивниот култ меѓу македонскиот народ. Потоа, следат хронолошки сите поклоненија, со објаснувања кој ги предводел и сочинувал делегациите, и од Црквата и од државата, каде и од кого биле примени во Ватикан и Рим, како и тоа со какви придружни манифестации биле пропратени катагодинешните чествувања.

Наоѓајќи се денес овде, во градот „кон кој водат сите патишта”, како милуваат Италијанците да речат за Рим, си велам - дали сме свесни што ќе беше и од свети Кирила и од неговото патување од Солун, преку Цариград, до Моравија, ако патот не го донесеше во Рим? И не само него, туку и брат му и нивните ученици? Што ќе останеше од нивното дело и од нивната мисија ако Бог не промислил да дојдат и тука? Токму затоа, прелистувајќи ја самава книга, се потсетив на оние зборови на светиот апостол Павле, упатен до некогашните Римјани, каде им вели: „Колку се неиспитани Божјите патишта” (сп. Рим. 11, 33) и дека секое наше патување е „по волјата Божја” (Рим. 1, 10). Па, и последното.

Има многу теми на кои е потребно да размислуваме, особено за тоа зошто токму така, зошто токму тогаш, зошто токму таму им се случува на некои личности, особено значајни за еден народ, па и пошироко? И нема да најдеме одговор надвор од тоа дека таква била волјата Божја! А можеме ли да ја замислиме тагата што ја доживеал Методиј по загубата на помладиот брат, кој имал само 42 години, но и чувството на неизвесност? Да се присетиме и на тоа - што остана од брат му Методиј потоа, што дочека тој, и додека беше жив и по своето упокојување?

 

Но, еве, тој свет гроб во базиликата на свети Климент, епископот Римски (кој настрадал маченички, а чии мошти свети Кирил ги нашол во Црното Море кај Херсон и ги донесол во Рим), повеќе од 11 столетија е богодарувано пристаниште за македонскиот, словенските и за сите народи што го почитуваат неговото возвишено дело. Тој Светикирилов гроб, за македонската држава и Црква, благодарение на добрата волја и љубезноста на ватиканските власти и институции, е повеќе од отворен прозорец кон светот и, ќе речам, за верните луѓе - свет патоказ кон небесните и трајните вредности!

- Гробот на свети Кирил бил и останува отворено послание и потсетник за сите дека светото дело пред Бога и народите останува како вечно запалено кандило кое и најдалеку свети и осветлува, без оглед на временската и просторната дистанца!

Ние, во име на македонскиот народ и Црква, досега на свети Кирила организирано му дојдовме 40 пати на поклонение, а ќе доаѓаме и понатаму: и заради него, но, уште повеќе ќе доаѓаме заради нас! Ќе доаѓаме, со Божја помош, уште 40 пати и уште 40 по 40 пати! Ќе доаѓаме - вечно!

Впрочем, поклонението пред светиите, всушност, е поклонение на Бога!