Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Преосветување на црквата на Свети Никола во село Опеница, охридско (10.06.2008)

Во седмата недела од великата Педесетница, посветена на Светите Отци од I Вселенски Собор и ден кога Православната Црква го празнува споменот на свети апостол Карп и свети новомаченик Александар Солунски, се изврши преосветување на црквата на Свети Никола во село Опеница, охридско. Црквата, која се наоѓа на возвишено место, со што јасно нè потсетува на Горниот Ерусалим, и е окружена со прекрасна природа која никого не остава рамнодушен, потекнува од ХVII или почетокот на XVIII век. Но, поради лошата состојба на олтарот и светиот престол сe изврши нивна целосна реконструкција, поставен е нов под во црквата како и нов фрескоживопис во олтарот, дело на уметникот Драган Ристески од Охрид.

Со чинот на осветувањето чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, архимандритот Нектариј, игумен на манастирот на свети Наум Охридски, протоерејот Борис Лазов, парох при црквата на свети Димитриј во Кавадарци, парохискиот свештеник Никола Кипријанов, свештеникот Димче Ѓорѓиески, парох Варошки, свештеникот Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија, свештеникот Никола Кипријано, свештенослужител во манастирот на светите Климент и Пантелејмон – Плаошник и ѓаконот Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија.

После чинот на осветувањето се отслужи Света Архиерејска Литургија. На крајот од Литургијата Митрополитот Тимотеј одржа свечена беседа на која словеше за радоста што ја причинуваат ваквите моменти, кога се осветуваат Цркви во кои, преку молитвите и свештенослуженијата што се извршуваат во нив, се соединуваме и заедничариме со Бога, а преку Бога и со сите луѓе. На крајот од беседата, како Пастир кој добро го познава своето стадо, изрази голема благодарност и искажа пофалба за парохискиот свештеник Никола Кипријанов и свештеникот Димче Ѓорѓиески, кој потекнува од ова село, кои несебично се вложија во реконструкцијата на црквата.

Потоа, во дворот на црквата, се одржа и пригодна културно-уметничка програма. 

 

            

 

             

 

             

 

             

 

             

 

              

 

              

 

              

 

Известува: ѓакон Димче Азески