Богослужби во чест на свети Наум Охридски (04.07.2008)
И оваа година празнувањето на великиот Светител на Македонската Црква – свети Наум Охридски Чудотворец, на торжествен начин беше прославен во неговиот манастир на брегот на Охридското езеро. Илјадници верници од Македонија, Албанија, Србија, поитаа за да се поклонат на гробот на свети Наум – од кој што на сите што пристапуваат со цврста вера и надеж, Светителот им точи исцеленија на телесните и душевните болести.
На светите богослужби, кои започнаа на 2 јули со Вечерната богослужба служеше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој на покана на надлежниот Владика на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј, овие два дена беше гостин на манастирот. На Вечерната богослужба, пак, кон верниот народ беседа одржа Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј. Потоа свештенослужителите заедно со игуменот на манастирот архимандритот Нектариј извршија благословување на петолебие.
Непрекинатата колона на верници не престануваше трпеливо со свеќи во рацете и молитва на усните да приоѓаат во манастирската црква не само во доцните вечерни часови, бидејќи беше забележителна редицата на верници и кон два часот наутро. Сепак организираноста на манастирската слава беше таква што црквата и во текот на ноќта беше постојано отворена и посетена.
Утредента во 7 часот свештенослужителите ја започнаа Утрената богослужба а во 8.45 часот двајцата Владици, пречекани на влезот од манастирската црква, влегоа и се поклонија на гробот на свети Наум и ја започна Божествената Литургија. На Светата Литургија во ѓаконски чин, од страна на Владиката Тимотеј беше ракоположен и завршениот богослов и студент на Московската духовна семинарија Николче Ѓурѓиноски, кој моментално работи во епархиската администрација во Дебарско-кичевската епархија.
На крајот од светата Литургија Владиката Тимотеј ги освети и двете нови икони поставени на западните и јужните двери од црковниот иконостас.
Потоа владиците и свештенослужителите се упатија во манастирскиот двор каде што извршија водосвет и ги благсловија и ги прекршија празничните лебови.
Известува: о. Игор Никовски