Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски: „Ако ги заборавиме покојните, ќе заборавиме и на живите“ (19.07.2008)
До учесниците на светската средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија во Скопје,
од 18 до 21 јули 2008 година
Има настани, има годишнини и одбележувања, кои носат и од кои извираат чувства што ја расположуваат душата, што го веселат срцето... Но ова, како и секое собирање на некогашните протерани деца Македончиња од Беломорска Македонија, е собирање за тага заради тагата, е собирање за да продолжат солзите - солзите недотекливи, е собирање за да не престане лелекот – лелекот неутешлив...
Годинашново собирање на распрснатите по светот Македонци, кое се случува по четврти пат овде во Скопје, престолниот град на Република Македонија, е средба за да го измериме времето од трагичниот настан во 48та, да го измериме времето на тагата, на солзите и плачот, времето кое е сведок дека и тоа самото неможе да биде лек за нашава рана, зашто нема мевлем за болката зададена пред шест децении врз македонската душа.
Возљубени,
Наоѓајќи се меѓу Македонците во Торонто, со мислите сум и со вас, собраните во Скопје некогашни протерани Македончиња од Беломорието. Со вас сум и во тагата, со вас сум и во молитвата. Македонската православна црква – духовната Мајка на македонскиот народ, секогаш била, е и ќе биде со својот народ. И овие денови е со вас и со сите кои ги доживеаја и ги живеат македонските голготи и распетија...
Егзодусот од пред 60 години е длабока и неизлечива рана врз македонскиот национален и духовен организам. За жал, оние кои го извршија невиденото злосторство, продолжуваат и денес да копаат по нашите рани. Откако уништија сè што беше таму македонско или ги потсетуваше на нас Македонците, еве, продолжуваат и со неприфаќањето на вековното име на нашата древна Татковина и со негирањето на сè што е наше македонско. И не само таму, туку, еве, посегнуваат и овде, на просторот од Република Македонија, па и насекаде до каде што нè има како Македонци. Нивниот закон на силата, поддржан и од оние кои некогаш учествуваа и во поделбата на Македонија, кое што потоа придонесе многубројни семејства да се преселат во други краеви па сè до Црното Море, тие и денес, пак со „аргументите“ на својата „демократија“ и со поддршката на истите непријатели на нашата вистина, продолжуваат со тиранијата врз нас и врз сè што е наше македонско. Па, грев ли што сме Македонци, што сме чеда на Македонија?!
Овој собир на Македонците од сите страни на светот нека биде отворено послание и упатен апел до сите мирољубиви и правдољубиви луѓе и народи, до сите институции и организации за права и правдини по светот, за да го слушнат гласот на нас Македонците – онеправдани и прогонети, разделени и раселени, како глас на совеста и достоинството човеково, за, конечно, да ни се даде неотуѓивото право врз своето, правото врз своите родни места и имоти, врз она што, преку прадедовците, ни е дадено од Бога!
Денес, молејќи се за душите на починатите под теророт на непријателите на Македонија, молејќи се за душите на настраданите од болештините по мајчините прегратки, молејќи се за сите што починаа со копнеж по татковиот дом и со непребол по родната грутка, да се помолиме милостивиот Господ да ги насели нивните души во рајските населби и да ги собере во небесната Македонија!
Да се помолиме за сите што починаа за Македонија или настрадаа само заради тоа што беа Македонци! Да се помолиме за упокоените, но и за живите Македонци! Да се помолиме на Господа, дарителот на сè и изворот на правдата, да ни подари сили и трпение за да издржиме во бранењето на вистината и правдината за Македонија!
Да се помолиме и да ветиме - и пред Господа и пред починатите Македонци, дека никогаш нема да заборавиме до каде е Македонија, дека нема да заборавиме на гробовите на нашите мајки и татковци, дека нема да ги заборавиме коските на нашите дедовци и прадедовци - во Солунско и Кукушко, во Воденско и Леринско, во Серско и Костурско, во Буф и Бапчор, по Меглен и Вичо и по сите наши места и краеви. – Да не заборавиме дека, доколку заборавиме на покојните – ќе заборавиме и на себе, ќе заборавиме и на нас - живите Македонци, да не даде Господ!
Бог да ги прости покојните! - Нам, на живите, нека ни дарува милост и правдина, за да го чуваме и зачуваме споменот и за нив и за Македонија!