Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Средба во Лешочкиот манастир (28.07.2008)

Во рамките на програмата за одбележувањето на 60-годишнината од насилниот прогон на македонското население од Егејска Македонија од страна на грчките власти, како и во чест на 50-годишниот јубилеј од прогласувањето на самостојноста на древната и славна Охридска Архиепископија, во лицето на Македонската Православна Црква, претставници на „Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија“, на 20. 07. (недела) 2008 лето Господово, ден посветен во чест и спомен на светата великомаченичка Недела и преподобен Тома Малеин, го посетија легендарниот Лешочки манастир. Топло добредојде на овие мили поклоници на нашата голема Лешочка светиња, им посака надлежниот Епархиски Архиереј на Полошко-кумановската епархија Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил. Тој, заедно со своето свештенство, во манастирската црква на свети Атанасиј отслужи молитвена Доксологија за телесно здравје и душевно спасение на пристигнатите гости, но и за сиот македонски богољубив род, каде и да се наоѓа тој.

            Исполнет со неизмерна евангелска радост и силни братољубиви чувства поради оваа ретка средба, во своето обраќање кон присутните гости Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил меѓу другото рече:     

 

„Драги браќа и сестри во Господа, возљубени чеда на нашата татковина Република Македонија и на нашата Светиклиментова Македонска Православна Црква. Со изблик на најголема вознесенска духовна радост и патриотска гордост, од длабочините на мојата душа и на моето срце Ве поздравувам, во подножјето на нашите шарпланински убавини, и во прегратките на еден од многубројните древни манастирски светилишта, вечни чувари и жаришта, колку на црковно духовниот, не помалку и на македонскиот национален идентитет и на се што е свето македонско, создавано не со столетија, ами со илјадници години.

Старозаветниот цар и пророк Давид, импресиониран од ваквите средби како што се денешните, со чувство на восхит воскликнал: Има ли нешто поубаво и попрекрасно од тоа, кога браќата еднородни по крв и по вера живеат во мир, слога, љубов и разбирање? И навистина, нема. Само со силното црковно и национално единство, каде и да сме, можеме да го обезбедиме вечниот опстој на македонската нација и на родна и мила Република Македонија, и да го зачуваме автокефалниот статус на нашата автокефална Македонска православна црква. Заедно со небесната хиерархија и со сите оние кои што се преселиле во небесната Црква, а денес кога нѐ гледаат вака обединети се радуваат, да запееме: Нека му е слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја.

Затоа да Го молиме Бога да нѐ умудрува, за да бидеме сплотени окулу стожерот на суверена Македонија и на нашата родна мајка Светиклиментова Македонска Православна Црква. Сите ние, каде и да сме, го сочинуваме нејзиниот организам. И затоа, со толку голема љубов, каде и да сме, насекаде во светот со полна уста велиме: Нашата татковина е Република Македонија. А која ни е мајковината? Мајковината ни е нашата родна и мила Светиклиментова Македонска Православна Црква. Сите ние го претставуваме телото на Македонија, а нејзината душа е нашата Светиклиментова Македонска Православна Црква.

Возљубени во Господа, драги браќа и сестри, ако ги исполнуваме Божјите заповеди, ако ги преточуваме во дела, да бидеме повеќе од сигурни дека Господ изобилно ќе нѐ дарува. Ние можеме нашата мила Македонија да ја претворимре во цветна рајска градина, и час поскоро, што поголем број од нашите чеда, да се вратат на своите стари татковски и мајчински родни огништа.“

 

 

Лешочкиот манастир како и потшарпланинското село Лешок, во овој период од годината ја бележат својата најголема посетеност. Тоа се должи пред сѐ на големата почит на македонските православни верници кон овој наш опеан свет манастир, така и поради живописниот предел и свежиот шарпланински воздух.

По повод посетата на Лешочкиот манастир од страна на „Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија“ беше приредена и богата културна програма. На нашите мили гости и овој ден им помина исполнет со многу импресии и збогатен со многу голема братска христијанска љубов.

 

 

                                          

 

       

 

       

 

        

 

       

 

 Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор