Честитка од премиерот Груевски до поглаварот на МПЦ (28.08.2008)
Премиерот Никола Груевски по повод празникот Успение на Пресвета Богородица до поглаварот на Македонската Православна Црква, Архиепископот Охридски и Македонски господин господин Стефан и до сите православни верници упати честитка со желби во добро здравје, хармонија и среќа да ги минат празничните мигови.
- Денешниот ден го празнуваме како соединување на земското со небесното, како ден на радосното преселување на Божјата Мајка на небото и средбата со Нејзиниот Син Исус Христос. Славејќи го Нејзиното успение се сеќаваме на благословената Дева Марија, Мајката Која по Божја волја и Своја согласност Го родила Божјиот Син, Го воспитувала и растела вечно живиот Христос. Нејзиното Успение е сведоштво за тоа дека е меѓу нас и дека е жива Нејзината мајчинска грижа кон сите нас. Нејзината љубов заедно со Светиот Дух, не учи за почитта во семејството и го просветува и облагородува животот на милиони луѓе во светот, се вели во честитката.
- Пресвета Богородица е најдостоинствената, највеличествената и најмилостивата мајка на светот, мајка на сите христијани, заштитничка на домот и семејството. Чествувајќи го денешниот празник, да се потсетиме на Нејзината неизмерна мајчинска грижа и љубов и истата да ја споделиме со нашите најблиски, но истовремено да покажеме повеќе грижа кон обесправените и напуштените, особено кон децата, кои се почесто стануваат предмет на злоупотреби од страна на возрасните, стои во честитката од премиерот Никола Груевски.
Извор: ТВ Сител