Започнување на новата студиска година на Богословскиот факултет во Скопје (08.10.2008)
ПОЗДРАВНО СЛОВО НА ДЕКАНОТ НА ПРАВОСЛАВНИОТ БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ
(Почеток на студиска 2008/09 година)
„Ваше блаженство, уважени професори и драги студенти,
Се собравме денес на заедничка молитва, скратетно речено на Литургија, а потоа и на чинот Призив на Духот Свети, за да измолиме благослов од Господ Бог за успешна работа во претстојната студиска година. Со тоа всушност официјално ја започнавме новата академска година.
По тој повод упатуваме поздрав на досегашните студенти и нивните наставници, посакувајќи им успешна наставно-научна работа.
Ги поздравуваме, исто така, и новозапишаните студетнти; коишто со радост ги прифаќаме, ги охрабруваме и ги благословуваме. Им посакуваме добредојде во оваа наша високообразовна институција. Ете, во овој духовен центар, вие се подготвувате за идната мисија што ќе ја определи Црквата.
Почитувани студенти, Македонската православна црква годинава прославува 50 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонска православна црква. Централната прослава туку што се одржа во минатиот викенд во Охрид. Ние бевме дел од свечените настани. Беше констатирано дека МПЦ отвори нова страница, особено на образовен-воспитен план. Вие ќе бидете сведоци, учесници и носители на една нова епоха на црковното живеење на МПЦ.
Зошто велам нова страница и најавив нова епоха на МПЦ? Па, затоа што се случија настани што би можеле да ги наречеме историски. А тие се:
- воведе веронаука во училишата во Република Македонија и
- помогна Богословскиот факултет да се здобие со нов државен статус.
Во таа смисла на мене, како декан на Православниот богословски факултет, ми падна голема историска чест, но истовремено и уште поголема обврска:
За мене чест што,
-Православниот богословски факултет од оваа студиска година доби Државна акредитација со можност на финансирање и од Државата. Тоа е голема сигурност и можност Факултет забрзано да се развива и трансформира според Европските норми за образование и наука.
За мене обврска што,
- Факултетот се обврза да работи според Европскиот Кредит Трансфер Систем и според Болоњската конвенција.
- Факултетот од оваа студска година ќе ги започне, исто така, за прв пат последипломските студии. Ова е веќе полнота и иднина. Ете тоа се првичните новини кои ќе имате прилика да ги почуствувате и самите вие драги студенти, и да бидете дел од заедничките настани.
Ја користам оваа прилика да ве потсетам денес на зборвите на светиот апостол Павле, со кои ги беше поучил Римјаните на некои основни правила за живот : „Браќа, бидејќи според дадената благодат имаме разни дарови: тогаш нека биде според верата; служба ли, нека служи; учител ли е – нека учи; наставник ли е – нека утешува; управител ли е нека управува; кој што прави, нека го врши тоа со добра волја. Љубовта нека не биде лицемерна, отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто; еден кон друг бидете љубезни со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа. И уште: бидете радосни во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани“ (Рим. 12, 6,12).
Почитувани студенти, во таа смисла јас само би додал, и би ви препорачал. Почитувајте ги наставниците ваши и бидете исполнителни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, да бдеат за вашите души, - та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас. И уште повеќе ве молам да го вршите ова... за Бог на мирот, големиот Пастир - нашиот Господ Исус Христос да ве усоврши во секое добро дело (сп. Евр.13,17-21).
Па, нека е благословен почетокот на новата студиска година, која е триесет и прва по ред! На многу години. Амин.“
декан Ацо Гиревски