Промовиран зборникот „Охридските пораки за мир и соживот“ (16.10.2008)
Денеска во Даут Пашин Амам во Скопје се одржа промоција на зборникот „Охридските пораки за мир и соживот“, којшто е посветен на Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што се одржа минатата година во Охрид.
- Имам особена чест и задоволство да го промовирам првиот артефакт на зачетокот на создавањето на глобалната платформа за меѓурелигиски дијалог и мир кој во охридскиот пантеон на историјата се изнедри од искрената и благородна иницијатива на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски за дијалог меѓу религиите и цивилизациите, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Пред една година во Охрид - градот на рамноапостолите од македонскиот род - Св. Климент и Св. Наум Охридски, огништето на христијанството проповедано низ вековите, истакна Канческа-Милевска, се одржа првата Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.
- Лулката на словенската писменост овековечувајќи го дијалогот на живот јазик и симболички ја докажа максимата дека ние луѓето често го потценуваме синкретизмот поради недостиг од оригиналност и поради стравот дека нема доволно за сите. Оваа средба го продолжи големиот датум од новата балканска историја. Република Македонија и Охрид блеснаа низ целиот свет како потврдени миротворци и креатори на дијалогот, разбирањето и на љубовта најнапред меѓу сопствените граѓани, а потоа меѓу балканските, европските и сите други народи, посочи Канческа-Милевска.
Таа рече дека од говорницата на конференцијата прозвучиле многу желби на човечкиот ум. Тие врвни интелекти, истакна Канческа-Милевска, со своите ставови особено со завршниот документ - Декларацијата за унапредување на меѓуверскиот дијалог, разбирање и заедништво, се издигнаа високо во највозвишената цивилизациска мисија - миротворната.
- Зборникот „Охридските пораки за мир и соживот“ кој ги содржи нивните искажувања, како и документарниот филм „Посакуван мир“ се писанија кои на идните генерации ќе им го доближат актуелниот дијалог на религиите во летото Господово 2008, истовремено поврзувајќи ги времето и настаните со одржувањето на Втората светска конференција за меѓурегилигиски и меѓуцивилизациски дијалог овде во Македонија во 2010 година, потенцира Канческа-Милевска.
Во Зборникот, како што рече таа, високопрофесионални аналитичари и високи преосвештенства и претставници на речиси сите религии во светот ги потенцираат импресиите од оваа средба и размислувањата за одговорноста на цивилизациите пред идните поколенија.
- Третиот сегмент го симнува мистичниот превез од рољата на религијата во образованието и нејзиното влијание во трансформацијата на општеството. Во четвртиот дел има текстови кои го потенцираат придонесот на заедничките вредности на различните култури и религии за иднината на човештвото. Овој Зборник е и документ за уште еден конкретен придонес на Република Македонија во демократијата на светското општество, во актуелната „декада на култура и мир во светот“, додаде министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На присутните на промоцијата им се обрати и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи на Република Македонија Ѕвонко Муцински, кој рече дека Светската конференција уште еднаш ја реафирмира потребата од учество на сите култури во човековото духовно збогатување и повика на респектирање на религиозните и на културните различности.
- Со Зборникот што го промовираме денеска и со извонредните говори што ги содржи се потрудивме да го трасираме патот кон поинтензивен дијалог и меѓусебно разбирање меѓу религиите и цивилизациите.Со денешната промоција уште еднаш нагласуваме дека нема супериорни или инфериорни цивилизации, раси, религии, култури и јазици. Истовремено ја потенцираме потребата од засилена улога и влијание на жените во сите аспекти на нашиот модерен и глобален свет, посочи Муцунски.
Публикацијата е отпечатена на сите јазици на кои се говореше на конференцијата, односно на англиски, француски, руски, македонски и на албански јазик.
На промоцијата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, лидери и претставници на верските заедници и религиозни групи во Република Македонија, членови на Меѓународниот комитет основан за време на одржувањето на конференцијата во Охрид, како и директорот на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција Енгелберт Руоз.
На промоцијата беше прикажан и документарниот филм „Посакуван мир“.
Издавач на зборникот „Охридските пораки за мир и соживот“ е Министерството за култура со поддршка на Владата на Република Македонија.
Известува: МИА
Фото: Калина Трпеска