Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сеноќно бдение во манастирот во Рајчица (28.11.2008)

„Радувај се, похвало на Отците, усто на богословите, палатко на безмолвието,     
доме на премудроста, врвен дострелу на учителите, духовен океану, во кој се меша дејството и созерцувањето,
и исцелителу на човечките болести.
Радувај се, храму на Духот...”

            Торжествено денес светата Православна Црква му пее и го велича, великиот солунски чудотворец и проповедник на благодатта и божествената незаодна светлина, светиот Григориј Палама, на кого Црквата ја посветила и втората недела од Великиот пост. Во чест на Светителот, на сеноќна молитва, се собраа верници кои заедно со братството од Бигорскиот манастир и сестрите во манастирот во Рајчица, му се помолија на овој голем Божји служител и искрен пријател на Христа Спасителот.

Уште од млади години, исполнет со голема мудрост и ревност за совршен и богоугоден живот, св. Григориј Палама со голема љубов се предал на безмолвие и осамеништво, непрестајна молитва и божествени созерцанија. Му Го отворил своето срце на Бога и Го примил Несместливиот, Го запознал Неописливиот и Му станал близок на Недостижниот. Затоа, во својата беседа на почетокот од бдението, архимандрит Партениј кажа: „Св. Григориј Го доживеал Бога во своето срце очистено од страстите. Бог единствено може да се доживее преку Неговите Божествени енергии и љубовта која ја чувствуваме во нашите срца. Бога не можеме да Го спознаеме по разумот ниту преку учењето на овој свет. Бога Го гледаме во нашето срце, доколку го очистиме со љубов и единствено тогаш можеме да Го доживееме Божјото присуство во нас”.

Со река од солзи, св. Григориј го очистил своето срце, и станал избран сад за даровите на Духот Божји, Кој исполнувајќи ја ризницата на неговата душа, го усовршил како вистински учител на богопознанието, на премудроста Божја и несоздадената Божја благодат.

Св. Григориј непоколебливо ги бранел догматите на Православието, го посадил и умножил семето на верата; луто спротивставувајќи се на лажливите учења и ереси, ја отворил својата благодатна уста, за да ги исполни срцата на верните со пофалба за Бога и Божјата слава.

Со прекрасни стихови, св. Григориј е опеан и возвеличан како „Божествена лира на Духот и труба што јасно ги проповеда Божјите Тајни; носител на Духот Божји и трпелив и свет борец во борбата против еретичките учења”. Светлината на неговиот непорочен живот бил вистински пример кој ги воодушевувал сите, покажувајќи во личноста на св. Григориј голем доброволен и крепок страдалец, посник и достоен ерарх на Црквата Христова.

Сеноќното бдение, во параклисот посветен на тројцата Светители: св. Григориј Палама, св. Нектариј Битолски и св. Јован Кукузел, ги исполни и напои срцата на верните, жедни единствено за Божјата благодат и несоздадената светлина.

И додека зората се будеше и сонцето се капеше во светлината која полека го топи мракот, секоја верна душа беше озарена од несоздадената Божја светлина и како мало сонце радосно се упатуваше кон својот дом, кој очекуваше да биде осветлен од Божјата љубов, која Бог постојано и штедро ја излева на светот преку Божествената Литургија.

По молитвите на овој голем светител и проповедник на Божјата благодат, Бог да ги озари нашите срца со својата незалезна светлина и љубов.

 

 

 

                                                         

 

                                                        

 

                                 

 

                                   

 

                                   

 

                                     

 

                                     

 

                               

 

                                                          

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица