Осветување на нов иконостас (02.12.2008)
На денот на св. Архангел Михаил во Неиве, беше осветен новопоставениот иконостас во католичкиот храм Св. Архангел Михаил кој ѝ е отстапен на користење на истоимената Македонска православна црковна општина.
По овој повод Митрополитот Европски г. Пимен покани висока црковна и државна делегација од Република Македонија, првата предводена од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а втората претставена од претседателот на Комисијата за верски заедници и религиозни групи на Република Македонија м-р Звонко Муцунски.
Црковната Општина подготви тридневна програма која започна на 21.11.08 со празнична вечерна богослужба отслужена од Митрополитот европски г. Пимен со повеќе свештенослужители, во присуство на Архиепископот г.г. Стефан и голем број верници. Следуваше свечена академија со почеток во 18 часот, на која покрај нашата, присуствуваше и висока црковна и државна делегација на земјата домаќин. Се започна со краткиот документарен филм „50 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија“, подготвен на италијански јазик. Веднаш потоа се обрати Неговата Екселенција Себастијано До, владика на Алба, кој во својот говор ја охрабри и поддржа мисионерската дејност на Македонската Православна Црква меѓу своите во Италија и им се заблагодари за тоа на Митрополитот Европски г. Пимен и парохискиот свештеник, отец Михајло Матевски. Следуваше говорот на Неговата Екселенција Љупчо Тозија, амбасадор на Република Македонија во Рим, кој не криејќи го задоволството од црковното организирање на Македонците во Пиемонте, Италија, забележа дека тоа оди во прилог и на нашите евроатлански текови. Професорот при Богословскиот факултет Св. Климент Охридски од Скопје м-р Петко Златески, одржа предавање на тема екуменизам.
„Ви оставам аманет: празнувајте вака при секоја прилика, во секоја недела и на секој празник. Практикувајте ја молитвата со присуство на свети богослужби. Негувајте ги христијанските традиции и обичаи од родниот крај, другарувајте меѓусебно и со сите околу вас. Така полесно ќе ви врват дните и помалку ќе ви недостасуваат блиските и пријателите од Македонија.“ Ова на крајот од својот говор Неговото Блаженство Архиепископот Стефан им го порача на Македонците во Италија, при тоа заблагодарувајќи им се на домаќините за гостопримството.
Во сабота 22.11.08 г., нашата делегација беше примена од Неговата Екселенција Монсињор Себастиано До, владика на Алба, каде беше потпишан договорот за користење на католичката црква Св. Архангел Михаил во Неиве, а потоа и од градоначалникот на Алба кој пак во разговорот подвлече дека македонското население најдобро се интегрирало во италијанското општество, а укажа на сериозното размислување за определување локација каде во иднина би можел да се изгради македонски православен храм.
Со почеток во 20:30 часот беше одржан целовечерен концерт на духовна - црковна музика во изведба на хорот „Св.Климент Охридски“ од Скопје. Концертот го започна квартетот „Пела“ од Република Словенија кој исполни неколку изворни старомакедонски песни.
Во недела 23.11.2008 г. со почеток во 10:00 часот беше извршен чинот на осветување на иконостасот, а потоа отслужена света Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, во сослужение со Митрополитот Европски г. Пимен и голем број свештенослужители, пред стотици македонски верници.
известува: презвитер Михајло Матевски / Неиве, Р. Италија