Осветување на фијала во Бигорскиот манастир (14.12.2008)
„Христе, Ти како со дожд си го наполнил изворот на лекување;
Лекару на душите и телата наши,денес во сечесниот храм на Дева,
со Својот благослов ги покропуваш и прогонуваш болестите на болните.”
Секој човек кој размислува за вечниот живот и се грижи единствено за спасението на својата душа, се труди секое материјално дело кое го стекнал, овде на земјава, да биде душеполезно и богоугодно, бидејќи човековата душа е повредна од сè на овој свет, од сите богатства и скапоцености, кои светот денес ги нуди. Размислувајќи за Бога и за Неговата голема љубов, човекот постојано чувствува, како Небесниот Отец штедро и милостиво излева безбројни дарови, исполнет со милосрдна грижа кон своето возљубено создание, со единствена цел - да ја излекува човековата душа и да ѝ помогне да се спаси.
Сѐ што ни е дадено од Небесниот Отец, дарувано ни е за спасение и така треба да ги ползуваме сите нешта што сме ги здобиле. Да не бидеме како безумниот богаташ, за кого се зборува во денешното Евангелие од 26-та Недела по Педесетница. Неразумниот богат човек, гледајќи ги и така преполнетите амбари, сака да изгради уште поголеми, со цел да се весели и да се радува мислејќи дека и неговата душа им се радува на материјалните нешта од овој свет... Но, ако душата не е исполнета со Бога и љубовта кон Него, дали таа ќе биде среќна и задоволна?
Зборувајќи за ова во својата беседа, после Архиерејската Литургија со која чиноначалствуваше, Митрополитот Тимотеј вака ги поучи присутните верници: „Сите вие кои почесто доаѓате во овој свет храм, токму овде во Бигорската обител, со цел да се нахраните од духовната трпеза, која Христос Спасителот секогаш богато ја подготвува за Своите верни чеда, доаѓајќи овде и причестувајќи се со Светите Христови Тајни, треба и да се трудите со својот богоугоден живот да го стекнете не земното богатство, туку она што е најважно за човекот, а тоа е - небесното царство, спасението на душите и блаженство во вечниот живот со Христа Спасителот. Смислата и целта на сите наши грижи и труд, треба да биде стекнувањето на вечниот живот, царството небесно, вистината, правдата, љубовта, милосрдието и бесконечниот живот во заедница со Бога, нашиот Небесен Отец...”
Токму стремежот за овие Божји дарови, спасението на душата и вечната радост во царството небесно, ги поттикнувале бројните ктитори на Бигорската обител да го градат и разубавуваат ова светилиште, правејќи го достоен одраз на славата Божја. А денес Бигорскиот манастир доби уште еден прекрасен украс, еден мал дел од раскошната византиска архитектура, карактеристичен за сите поголеми манастири - фијала за крштевање вода, прибројувајќи го така благочестивиот и милосрден дарител, г. Љупчо Славкоски кон редот на славните бигорски ктитори. Благодарни на Бога за неговите штедри дарови, браќата на овој свет манастир и бројните верници што пристигнаа од сите краеви на нашата земја, со голема литија, носејќи ја чудотворната икона на Претечата, пристапија кон богато украсената фијала, каде Митрополит Тимотеј го изврши чинот на осветувањето. Нахранети со небесната благодат притсуните верници, беа поканети и на заедничка трпеза на љубовта.
Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица