Богојавление (19.01.2009)
„Денес небото се откри на луѓето. Денес благодатта Божја обилно се излева на светот и му дава крилја на човекот за служба на Бога и на ближните; денес силата одозгора ја поросува човековата душа и ја воздигнува нагоре; денес човековата природа се мие во струите јордански и постанува нова твар.”
Како што вели апостол Павле: „Се јави благодатта Божја, спасителна за сите луѓе.”
Оваа благодат, која слезе одозгора за да ги освети водите, ги осени срцата на многубројните верници, кои дојдоа во Бигорскиот манастир да ја продолжат вековната традиција што во манастирот беше запазена дури и во најтешките години на комунизмот, а сега се враќа во својот полн сјај.
Водени од голема љубов кон својот патрон, кој на овој ден се удостоил да ја положи својата десница врз главата на Спасителот на светот и Го крстил Оној на Кого не му било потребно очистување, а истовремено бил удостоен и да стане сведок на јавувањето на Света Троица, монасите од Бигорскиот манастир и присутните верници, подобно на своите претходници, поминаа една торжествена молитвена ноќ, која на крајот беше крунисана со чинот на осветување на Богојавленската вода, кој беше еден навистина торжествен чин. Имено, во тивката светлина на свеќите се надѕираше таинствената убавина на чудотворната икона на Свети Јован, која ја предводеше литијата, сведочејќи го присуството на Крстителот Господов во моментот на осветувањето, кое го изврши Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Така, во раните утрински часови, уште пред сончевите зраци да ја допрат земјата, срцата на сите присутни блеснаа, озарени од една поинаква светлина, допрени од благодатта на Светиот Дух, Кој слезе да ги освети водите.
Присуството на чудотворната икона на чинот на осветувањето ги потсети монасите од Бигорската обител на радоста што пред неколку дена им ја причини доаѓањето на иконата 'Одигитрија”, копија од познатата охридска чудотворна икона, која во манастирот донесе голем благослов од Мајката Божја.
Традицијата продолжи веќе следниот ден со Божествена литургија во блиското село Ростуше и свечена литија, по што повторно беше фрлен крстот и беа осветени водите на Радика. А најрадосен беше Томче Гаврилоски, кој веќе по трет пат е благословен од Бога да го фати крстот и беше награден со празнична икона и пригоден подарок од редовниот спонзор на манастирот, г-динот Хари Локвенец од фирмата „Ха-Ем”.
Известуваат: сестрите од Рајчица