Соопштение (10.02.2009)
Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква на својата редовна седница, одржана на 10 февруари 2009 г. во просториите на Македонската архиепископија - Скопје.
Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан пред синодалните архиереи поднесе исцрпен извештај во врска со струшките хотели „Бисер” и „Изгрев” со заклучок дека не постои никаква незаконска вмешаност на Македонската Православна Црква во овие случаи. Бидејќи надлежните истражни и судски органи во Република Македонија поведоа постапка за испитување и расчистување на овие случаи, Македонската Православна Црква ја дава својата поддрша за целосно завршување на истите.
Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква изразува длабоко жалење, пред сѐ, за загубените човечки животи проголтани од огнените јазици во Австралија, како и за опожарените домови на австралиските граѓани, но и за нашиот прв манастир надвор од Татковината „Свети Климент Охридски” во Кингс Лејк.
Синодот посвети внимание и на воспитно-образовните институции на Македонската Православна Црква, а на своето заседнание определи и свои претставници за овогодинешните прослави по повод Светикирило-методиевските денови во Рим, Елванген и Русија.
ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ