Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Кратово (27.02.2009)

На 24 февруари нашата Света Православна Црква го празнува светиот новомаченик Георгиј Кратовски роден во 1496 год. во Кратово. Како младо момче се истакнал во златарскиот занает, а по срцето и душата верен и богомолитвен христијанин. Имал само 18 години кога Турците сакале да го потурчат. Но Георгиј останал во верата тврд како дијамант. Бил многу мачен и најпосле жив го запалиле на клада во 1515 год. во Софија, за време на царот Селим. По тој повод надлежниот Епархиски Архиереј Полошко-кумановски г. Кирил заедно со повеќе свештеници ослужи Света Божествена Архиерејска Литургија во единствениот изграден храм во негова чест во Кратово. На присутните верници Митрополит г. Кирил даде апел во текот на оваа недела наречена Месопусна како што е редот и обичајот помладите да отидат кај постарите и да побараат прошка затоа што Црквата налага во текот на престојниот Велигденски пост да бидеме измирени едни со други за достојно да го дочекаме празникот над празниците - Велигден. Потребно е да во текот на Велигденскиот пост да се исповедаме и причестиме. Во оваа недела не се јаде месо, а од наредната и млечни производи. Посебно Архијерејот нагласи дека св. Георгиј е наш македонски светител иако многумина од соседите си го присвојуваат како свој. По ослужената литургија кратовчани се собраа на плоштадот каде што г. Кирил ги прекрши славските колачи и изврши мал водосвет. Бидејќи во Кратово е намален бројот на населението, Митрополитот Кирил порача дека е потребно да се зголемат рожбите. Посебна чест на Кратовчани им укажа г. Георгиј Иванов, предложен кандидат за иден претседател на Р. Македонија кој им го исполни ветувањето дека на овој ден ќе ги посети и заеднички ќе се помоли во споменатото светилиште. Исто така и тој им го честита празникот и порача дека на Македонија ѝ е потребно единство и обединување, влез во Европската Унија и НАТО.

Пред неколку години во Кратово е подигнат споменик во чест на свети Георгиј, а Општината донесе одлука овој ден да биде неработен во Кратово.

 

                      

 

                      

 



известува: прота Жико Тодоровски