Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Простете ми (10.03.2009)

На еден наш портал на кој беше објавена една од моите колумни во коментарите по прославите на Бадник ,Божик и Богојавление, некој ме прозва да напишам нешто за тоа како поминале празнувањата, дали некаде и нешто сме промашиле. Некои случајни луѓе летово, кога пишував на овие страници како замена, неколкупати ме прочитале и ме прашуваа кога пак нешто ќе напишам или ќе дадам коментар. Не дека тогаш немав што да напишам или да искоментирам или, пак, да опоменам, но рака на срце и да пофалам за некои работи, но секогаш кога се чувствував подготвен нешто да напишам, ќе ги погледнев новинарските текстови поврзани со Црквата, а од коментарите на читателите на тие написи гледав дека сме се' уште во сенката на залезот од „Изгрев“. А коментарите по објавувањето на која било информација од црковниот живот како на пример, Божикното послание, кое меѓу другото, имаше една прекрасна и позитивна порака, да се зголемува бројот на рожбите или, пак, информациите за некоја богослужба или по Божикниот прием, реакциите повторно беа од типот, вие ли ќе ни кажете, гледајте си го хотелот, излезете од скапите џипови, симнете се меѓу народот... итн. И тогаш, ќе се повлечев, бидејќи секое појавување во тој момент имаше основана можност да биде протолкувано како обид да го пренасочиме вниманието, да ја смениме темата, дека се браниме...

Во меѓувреме работите се смирија, дојде и Прочка, па можеби и ни се простило нешто бидејќи сега е еден прекрасен момент од циклусот на празнувања во Православната Црква, кога треба да се потрудиме да поставиме нов почеток, па во тој правец, ајде, пак, да напишам нешто. На нас, според нашата недостојност, а по Божја благодат е да советуваме и да поучуваме, а на вас е дали ќе ни верувате, дали ќе се согласите и дали ќе ги прифатите кажаните зборови. Пак и пак, е оној период во кој Црквата Божја повикува да погледнеме кон себе и во себе, да се пронајдеме и да го разбудиме во нас срцето, внатрешниот човек во нас. Да видиме до која мерка сме го заборавиле животот, својата личност и ближните кои се околу нас, и до каде сме се препуштиле на отуѓувањето во онаа секојдневна борба за градење кариера, многу пари и чалам, газејќи сè пред себе, а особено оние личности што ни се нашле на тој пат кон нашето искачување, а кои повторно ќе ги сретнеме на патот кога ќе се вратиме онаму од каде што сме дошле. А враќање ќе има затоа што сме заборавиле кои сме и што сме. Го заборавивме човекот во нас, а не пак Бог, кога ја следиме својата суета и гордост.

Но, не мора да значи дека трката во овој свет е само по кариера и слава, по материјалниот хедонизам што го турка човекот во бездната на самозаборавот, туку да се сетиме и на поговорката, сиромав човек жив ѓавол, па доаѓаме до заклучок дека и оние живи и конкретни личности што се борат за гола егзистенција /читај, живот/, а на кои несомнено треба да им помогнеме, и кои водат борба за опстанок се подеднакво подложни да наседнат на таа брза трка во животот со времето од овој свет. Ако не се најдеме ниту во првите ниту во вторите, ќе се најдеме сигурно во третите, кои забораваме дека времето тече кон своето исполнување и го надминува животот во овој простор наречен свет, па трупаме материјални богатства, обично на штета на оние, на кои требало реално да им го распределиме. И кога ќе видиме секој од нас некаде припаѓа, и секој од нас го заборава внатрешниот човек, човекот богат во душата со богатства што ќе го издигнат во незаборавот на сите околу него.

По Божја промисла, секогаш има нешто што ќе нè вразуми кога ќе помислиме дека сме беспрекорни, нешто што ќе нè спушти на земја, порано или подоцна. Секако постои и една полесна и побезболна варијанта, онаа од погоре во текстот, сами да погледнеме во себе и да најдеме покајание, да размислиме колку брзо минува времето во таа збрка во која бесцелно и бесмислено го водиме нашиот живот. Ако, погледнеме во себе ќе се вразумиме наоѓајќи во себе покајание кое ќе нè поттикне на размислување во срцето, тогаш да се измириме најнапред со себе, а потоа и со сите оние што сме ги повредиле во оваа наша секојдневна суетна трка. Најбитно, секако е, да не се лажеме дека сме толку праведни за да немаме на кого да се извинуваме и дека од никого нема потреба да побараме и да му дадеме прошка.

Црквата воспоставила еден ден во кој ќе можеме да си простуваме едни со други, па помирени да влеземе во посните денови на покајание, и го нарекла Прочка. Аскетското предание на Црквата, пак, ни укажува на постојано покајание и простување низ непрестајната молитва Господи Исусе Христе, помилуј ме... во срцето. Но, ако навистина побарме и дадеме прошка ќе ни биде јасно од каде потекнува и името прочка на овој црковен празник. Потекнува од зборот прошка, но јазично дошло до палатализација на консонантот Ш во Ч. Зборувајќи за покајанието и простувањето знам дека ќе чујам пак, лекару излекувај се сам, упатено можеби не лично на мене, туку на свештенството воопшто во кое се вбројувам, но би сакал да напоменам дека задолжително треба да заборавиме и далеку од себе да ги отфрлиме идеите дека прошка се добива со поткупување на Бог, на светителите или, пак, на воспоставеното свештенство во Црквата, па потоа да има коментари, еве со наши пари се прави ова или она.

Тоа некогаш се правело временски и просторно во западната црква со индулгенциите (ливчиња кои скапо се плаќале, а на кои се добивало написмено потврда дека гревовите на некој човек се простени бидејќи се скапо платени), тоа би му дошло нешто како шенген-виза за рајот, кажано со современ јазик. Порано сум споменал дека не се искупуваме со носење богати дарови во храмот или со градење на истите, човекот со ништо на овој свет не може да се искупи бидејќи не е повикан на должничко-доверителски однос, туку на личносен однос кој го градиме со Бог низ Христа Богочовекот во благодатта на Светиот Дух, со ближните и со самите себе, со внатрешниот човек, со човекот како духовно битие. Кога ова ќе го сфатиме, тогаш ќе ги искористиме деновите од Прочка до Воскресение, да се покаеме и да пристапиме кон измирување на секој со секого за да влеземе во радоста на победата на животот. Нормално е ние што тоа го проповедаме први да го исполниме, да дадеме личен пример за тоа, за да ни држи проповедта, а не да биде само „солење“ на памет. Ако искрено пред себе го направиме ова, ќе почувствуваме олеснување на душата и совеста, нашиот живот ќе го збогатиме со смисла и цел, а ако пак го направиме тоа про форма имаме една друга придобивка од сето тоа, ќе ни стане многу појасен поимот карневал.

Карневалите како појави ги имаме и пред христијанството како маскаради зад кои се криела личноста, потврдено во античкиот театар. Но, самиот термин карневал конечно своето етимолошко значење го добива во христијанството, поврзано со празникот Прочка, бидејќи овој пак се нарекува и ден на отпуштање на месото од нашата исхрана, односно ден кој го означува почетокот на великите велигденски пости. И постите како денови на воздржување препорачуваат да се воздржиме од јадење мрсна храна, особено месо, латински
carne /месо/ и vale /отпушта, остава/. Тоа затскривање на личноста продрело и во христијанскиот начин на живеење. Секогаш е полесно да се одржи форма отколку суштина, па така, на секој еден маскиран човек му е многу полесно да дојде до секого и да ја побара таа прошка и формално да ја добие, и да си замине убеден дека ја добил прошката па, со тоа формата е целосно исполнета.

Но, ако на личност сме згрешиле, треба од личност да добиеме прошка и да дадеме прошка на личност, а не на маската, односно на ликот што го изобразува маската. Да не се разбереме погрешно, не сум против карневалот како забава од традиција на еден град, бидејќи гледам дека народот од цела земја го прифаќа и тоа му дава привлечност на градот, но сум против тоа уживање да се затскриваме зад маски, т.е. затскривањето зад колективна одговорност. Противник сум на тоа зашто веќе почнува да ни се допаѓа што карневалите пополека, навлегуваат насекаде. А ние едноставно, секоја наша одговорност ја затскриваме зад маската на народот, велејќи народот зборува, или се слуша дека... Зад партија, кога велиме дека поради ставот на партијата, тоа и тоа го правиме или зад институција кога се браниме, не јас тоа, туку институцијата...

Мојот страв е особено голем, а се состои во тоа, ние како Црква, а која е жив Богочовечки организам полека да не ја земеме маската на институција и да го промашиме или не дај Боже, никогаш да не го оствариме тој личносен однос со народот во Христа Спасителот, па тогаш оние бадникови гранчиња кои според мене немаат никаква симболика, да не станат предобраз за тоа како ќе завршиме, овенати, исушени и на крај, фрлени во оган.

Митрополит Европски Пимен

Извор: весник „Дневник“