Порака на поглаварите на црквите и верските заедници во Република Македонија (17.03.2009)
Ние, поглаварите на црквите и верските заедници во Република Македонија, од заедничката работна средба одржана на 17 март 2009 година, а во духот на нашите верски и вредносни начела, упатуваме јавен апел до верниците, граѓаните и политичките партии за одржување на мирни, достоинствени и демократски избори.
Имајќи предвид дека овие избори се одржуваат во исклучително време за нашава држава, тие можат значително да влијаат и врз сегашноста и да ја определат нејзината иднина. Токму затоа, никој нема право да ја загрозува стабилноста и перспективата на Република Македонија.
За време на изборниот процес, повикуваме, преку взаемното почитување да се потврди веќе докажаната меѓуверска и меѓуетничка толеранција.
Тоа е, впрочем, и одлика на нашето верување и залагање.
Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, Македонска Православна Црква
Хаџи Сулејман еф. Реџепи,
Исламска заедница во Република Македонија
Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх, Католичка црква во Република Македонија
Михаил Цеков, Проповедник,
Евангелско-методистичка црква во Република Македонија
Бјанка Суботиќ,
Еврејска заедница во Република Македонија