Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Акатист од Великиот пост во Бигорскиот манастир (04.04.2009)

„Ризницо на чистота, радувај се,

заради која од падот наш станавме:

Радувај се, слаткомирисен крину, Владичице,

кој на верните им мириса,

Ти кадило благоухано и миро скапоцено.”

(Благодарствен канон на Пресвета Богородица)

 

                                    

 

Уште еднаш, во Великиот Пост, во петтата недела, Светата Православна Црква се потсетува на големите и многубројни чуда кои Пресветата Божја Мајка секогаш ги правела со цел да ги утврди и закрепи верните кои Нејзе, како на единствена милосрдна и топла застапничка пред Синот Божји, Ѝ се молеле, секогаш и насекаде, во беди и неволји, во време на мир и благосостојба, во тага и радост...

Нејзината љубов кон луѓето е необично голема, Нејзината пожртвуваност - мајчинска, Нејзината грижа е топла и милосрдна, Нејзината благост - бескрајна, Нејзините молитви чуда прават, Нејзиното застапништво пред нашиот Спасител е  како на вистинска мајка - заштитничка. Токму затоа, верните секогаш со голема почит, благодарност и љубов присуствувале на Акатистот во чест на Мајката Божја и со искрени срца упатувале топли молитви кон својата единствена и вистинска мајка - Пресветата и Пречиста Богородица.

Ниедно срце не би можело да остане рамнодушно  и недопрено од благодатта која Пресветата секогаш богато ја излевала врз верниците, токму на овие величествени служби во Нејзина чест во Бигорскиот манастир. На Акатистната вечер, во манастирот на Претечата, пристигна и една група верници од Софија – кои неодамна биле на поклонение на Светиот Гроб, предводени од Архимандрит Теофан од манастирот Света Троица кој се наоѓа во близина на Софија.

Откако се поклонија на Акатистната икона, присутните верници, благодатно исполнети и со духовна радост, со себе понесоа прекрасни впечатоци од Акатистната служба, со цврста вера и надеж дека Пресветата Владичица секогаш ги исполнува желбите и молбите на човековото срце кое искрено, со љубов и големо покајание ќе се отвори и ќе Ѝ упати молитви кон Мајката на нашиот Бог.

Нека Пресветата наша Владичица Богородица секогаш во своите молитви се застапува пред Бога за духовна преобразба и препород на нашиот народ, за просветлување на нашата младина, за утврдување на верните и за заштита и закрилување на нашиот православен македонски народ.

 

            

 

 

            

 

 

                                      

 

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица