Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Благовештение во манастирот Бигорски (08.04.2009)

Денес е радоста на благовеста, девственото торжество,

овдешниот свет со горниот се соединува, Адам се обновува,

а Ева од нејзината прва жалост се ослободува.

Скинијата на нашето битие стана храм на Бог,

преку обожение на примената природа.

 

            Кога човечкото срце, вдахновено со силна љубов кон Пречистата наша Владичица Богородица, ќе посака да ги преточи во зборови својот восхит, неизмерната почит и благодарност заради Нејзиното неуморно застапништво за целиот човечки род, застанува пред својата немоќ да пронајде достојни зборови за Нејзиното величие, како што еднаш посведочиле и светите Отци: НемоЌен е секој јазик да Те пофали според достоинството...”

            И навистина, како достојно да ја опееме Онаа Која е почиста од најбистрата вода, што тивко и чисто ги прима утринските зраци и им одговата со својот отсјај; Онаа Која е поблескава од сонцето и пославна од херувимите и серафимите; Која е помилостива и од најблагиот добротвор, Која со својата пожртвувана грижа ја надминува и најнежната мајка, а чие неописливо смирение и послушание е надминато само од Нејзиниот син, Спасителот и Обновителот на сето создание.   

Како да го разбереме таинственото дејство на Промислата Божја, кое со векови ја барало меѓу човечкиот род и ја подготвувало Благословената межу жените, за со својата чистота да може да ја привлече божествената молња, да ја прифати, смести и задржи, а да не биде изгорена од Тој Божествен оган, па така вистински да го земе благословот Христов. Навистина, Пресвета Дева е единствена благословена меѓу жените, бидејќи се удостоила да постане достојно прибежиште и ризница на тајната која се спуштила од небесата, за оваа тајна да не се одврати од земјата, како што натоварениот брод се одвраќа од крајбрежјето на кое не може да најде пристаниште.

Кога Дева одговорила: Еве ја слугинката Господова. Нека Ми биде според зборовите твои!” Истиот миг, со посредство токму на тие зборови, земјата се овенча со Небото, човечкиот род се овенча со Бог. Дева постана Небо и Престол на Божеството, во Неа беше положен Ветениот и вистинскиот почеток на нашето спасение и на нашето блаженство.

Затоа овој празник се нарекува БлаговеШтение, блага вест. Во светот кој беше претворен во мртовечница заради гревот човечки, ете стигна благата вест од небесата дека Бог ќе се соедини со човекот, дека Бог ќе се воплоти од Дева заради големата Своја милост и љубов, за да го воздигне човекот во небесните височини, за човекот повторно да биде онаков каков што Бог го замислил.“

Со овие зборови игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј им го пренесе значењето на овој настан на бројните верници, кои не штедејЌи го своето време се потрудија да пристигнат на сеноќното бдение, за заедно со монасите да ги споделат молитвите кон Пресветата Богомајка и така да го примат Нејзиниот благослов, не само за себе туку и за целиот наш народ. Зашто, како што спомна о. Партениј во својата беседа, тие кои се подвизуваат, кои го постат овој пост, кои Го сакаат Бог со сето свое срце и Го сведочат со своите дела, се благослов за својата татковина”.  

Зборувајќи понатаму за житието на преподобна Марија Египетска, кое според типикот е предвидено да се чита во петтата недела, о. Партениј го даде како пример нејзиното силно покајание, но она што нему најмногу му оставило впечаток беше токму големото милосрдие и застапништво на Мајката Божја дури и за најголемите грешници каква што била и света Марија. Имено, тогаш кога Божјата сила ѝ забранувала на преподобната да влезе во храмот и да се поклони на Чесното Дрво, таа прибегнала кон Пресветата наша Владичица и по Нејзините молитви била удостоена да биде примено нејзиното покајание и да и биде дадено прошка на нејзините гревови, и не само тоа, туку и да биде вброена во соборот на светителите.

Гледате каква е нашата Мајка Богородица, каква посредничка пред Бог имаме. Сега е можно преку Богородица сите да станеме богоносци, да Го примаме Бог преку Светата Причест, да се соединуваме со Христа. Затоа да Ѝ принесеме на Богородица букет од најубави цвеќиња. Но Богородица сака цветови на добродетелта со кои треба да е украсена секоја христијанска душа: смирение, милосрдие и многубројни добри дела. Да ги собереме сите овие цвеќиња, од нив да направиме букет за да Ѝ го подариме на Богомајката, зашто преку Неа, преку Најблагословената меѓу жените, дојде спасението на светот. Но, и ако немаме добродетели, да не очајуваме. Да Ѝ подариме тогаш на Богородица букет од солзи на покајание. Еве, во петтата недела од постот Црквата уште еднаш нѐ потсети дека дури и ако премногу сме паднале, како Марија Египетска, да не очајуваме, имаме Посредничка - Пресвета Богородица. Да Ѝ подариме солзи на Богородица, Таа Ќе нѐ очисти, ќе нѐ спаси, за да можеме во овој голем пост радосни и со голема благодат да го дочекаме славното Христово Воскресение.”  

Бдението заврши со свечена Божествена Литургија, на која сите присутни верници се причестија со Светите Христови Тајни, благодарејќи Ѝ на Богородица за големата благодат со која ги обдари на овој Нејзин голем празник, припремајќи ги така за претстојната пасхална радост.

„За Тебе таинствено се говореше во Светото писмо, Мајко на Севишниот,

зашто Јаков, кој во она време ја виде скалата, која беше праслика за Тебе,

рече: Ова е скалата Божја. Затоа заслужуваш да бидеш поздравена:

Радувај се благодатна, Господ е со Тебе.”

 

 

                               

 

         

 

         

 

         

 

                                

 

           

 

                                 

 

                                 

 

            

 


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица