Соопштение (16.04.2009)
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква со внимание ги следи настаните и ја дава сета своја поддршка околу изградбата на православен храм на Плоштадот „Македонија” во Скопје.
По тој повод, Синодот сака да истакне дека храмот „Свети Константин и Елена” кој се наоѓал на тој простор и по замјотресот бил беспотребно урнат од страна на државните власти, сега, 40-ина години подоцна, повторно бараме тој храм да биде обновен. Постапката за обнова трае неколку години и за време на овој период се завршени сите неопходни процедури за добивање на дозволата за градба. Со тоа е запазена целокупната правна регулатива и изградбата на храмот е вклопена во деталниот урбанистички план кој помина и пред Уставниот суд на Република Македонија.
Затоа, Синодот на Македонската православна црква не го разбира јавно пројавеното противење околу оваа градба, иако на Плоштадот и околу него има голем број на изградени или, пак, објекти во градба за кои никој не пројави вакво незадоволство. Зошто некому би му пречело легалното возобновување на храмот, кој само ќе го разубави тој простор? Со тоа воопшто не се нарушува ниту секуларноста на државата, бидејќи и не се бара државата да ја финансира целата изградба, иако секоја помош е добредојдена. Да се потсетиме на противењата околу изградбата на Милениумскиот крст на Водно или на манастирот на Плаошник, кои ги финансираше државата, а денес се наша гордост... Црквата и државата, согласно Уставот, се одвоени, но само во рамките на своето делување. Македонската православна црква е уставна категорија и таа ги исполнува сите свои обврски кон државата.
Синодот, исто така, не ја прифаќа тезата дека со ова се нарушуваат и меѓуверските односи, кои, и во најтешките периоди за нашата држава беа на високо ниво. Добрите меѓуверски односи се дел од нашата традиција и заедничкото живеење на овие простори.
Во пресрет на Празникот над празниците, кога го славиме Христовото воскресение, остануваме со длабока увереност дека храмот којшто треба да биде изграден на Плоштадот ќе биде место на зближување и обединување, онака како што Црквата низ целата своја историја била силата која соединувала и победувала во доброто. Македонската православна црква била и останува со својот народ, чувајќи го на тој начин и својот и неговиот дух и идентитет како народ кој Го сака Бога и народ кој има милост пред Него.
Од Канцеларијата на САС на МПЦ