Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Богослужби во Страсната седмица во Бигорскиот манастир (18.04.2009)

Во светиот и Велик Четврток, како што ни пропишаа светите отци, според преданието што го примија од божествените апостоли и од светите Евангелија, ги празнуваме овие четири настани: миењето на нозете, Тајната вечера, свештената молитва и предавството Јудино. Со миењето на нозете, Господ ни покажа колку високо можеме да се издигнеме преку смирението, поучувајЌи нѐ преку Својот пример дека кој сака да биде прв треба да биде последен и слуга на сите. Потоа, извршувајЌи ја Пасхата, нашиот Спасител на Тајната Вечера ја востановува најголемата света тајна - Светата Евхаристија, т.е. причестувањето со Телото и Крвта Христова. Подоцна Го следиме Христа до Гетсиманската градина каде со крвава пот усрдно се моли, носејќи го на своите плеќи гревот на целиот свет и каде Неговиот ученик со целив Го предава на завидливите фарисеи. Срцето ни се кине од болка додека ги слушаме потресните стихири и Страдални Евангелија.

 

                                            

 

                               

 

                              

 

                                         

 

Најпосле, прободени како со нож во срцето, одиме со Него заедно на Голгота, за да се сораспнеме, за да заплачеме заради оваа голема неправда:

 

 

 

 

 

 

„Денес виси на дрво Оној Што земјата ја обеси на водите; со венец од трња е крунисан Царот на ангелите; во смешна багреница се облекува Оној што небото го облекува со облаци; шлаканици прима Оној што во Јордан го ослободи Адама; со клинци се приковува црковниот Младоженец; со копје се прободува Синот на Дева: се поклонуваме на Твоите страдања, Христе, се поклонуваме на Твоите страдања Христе, покажи ни го и славното Твое воскресение.”

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Течат солзи по лицата, додека игуменот на Бигорскиот манастир, во болка го носи крстот по манастирските скали, враќајќи нѐ мислено во тогашниот Ерусалим, каде Христос свиткан под тежината на Крстот, облеан во крв, полека се искачува кон местото на Своето распетие. Во тишина влегуваме во храмот, а тука, токму под Крстот, искушеникот Кристијан Насевски се поклонува пред игуменот и од него како од рацете на Христа прима монашка скуфија. И повторно продолжува оплакувањето на Христа. Таа ноќ верните христијанки, како мироносиците, ја поминуваат во молитва пред Крстот. 

 

                                            

 

 

                                

 

                               

 

 

                 

 

 

                                 

 

 

                         

 

 

       

 

Утредента пред нашите очи се одвива погребението на Христа. Архимандрит Партениј излегува со бело платно, Го симнуваат Христа од Крстот, а о. Партениј како некогаш Јосиф од Ариматеја го обвива во платното Христовото тело и со болка го внесува во олтарот. На местото од крстот сега стои прекрасен цветен епитаф, кој го симболизира Христовиот гроб. Овој волшебен слап од цвеќиња е дело на вештите раце на игуменот и израз на неговата голема љубов кон нашиот Спасител. Во храмот одекнуваат прекрасните стихови: „Тебе, Кој со Светлина се облекуваш како со облека, кога Јосиф Те симна од крстот со Никодим, и кога Те виде мртов, необлечен и непогребан, од срце заплака и ридајќи, говореше: Тешко мене, најсладок Исусе, од Кого сонцето, гледајќи Те на крстот, во мрак се облече, и земјата од страв се тресеше и се раздра црковната завеса; но, ете, сега Те гледам Тебе, Кој заради мене прими смрт: Како да Те погребам, Боже мој или со каква плаштаница да Те завиткам...” А јеромонасите во тажна поворка тивко ја носат плаштаницата - Христовото свето тело и ја полагаат во цветниот епитаф. Преблагиот Господ е положен во гробот. 

 

                 

 

                    

 

                                 

 

Вечерта на Велики петок повторно се собираме околу епитафот за со жални песни, заедно со Богомајката, да го оплакуваме погребаниот Христос. Пее целата црква внесена во прекрасните стихови, кои, поделени во три статии, ја изразуваат сета болка на Пресветата наша Мајка. И повторно со литија верниот народ излегува од храмот носејќи го епитафот, уште еднаш за последно носејќи го Телото Христово пред да биде запечатен Гробот.

 

              

 

                  

 

               

 

                                    

 

                                    

   

Саботното утро е посебно доживување. Олтарот е затворен како запечатениот Гроб, а Светата Божествена Литургија се врши на цветниот епитаф како на свет престол. И веќе се навестува радоста на Христовото воскресение, бидејќи Гробот е празен, а тагата се претвора во надеж и радосно исчекување на светата и најпразнична ноќ.

 

                                           

 

                        

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица