Христовото Воскресение во Бигорскиот манастир (дополнето) (20.04.2009)
„Навистина
е света и најпразнична оваа ноќ, и појасна од светлоносниот ден, станувајќи
гласник на воскресението; во неа вечната светлина засветли за сите во тело од
гробот” (Воскресен канон)
Да,
колку е торжествена оваа ноќ - светлозарната ноќ на светлото Христово
воскресение, наситена со светлина и неизмерна радост во која громкото биење на
камбаните насекаде ја разгласи победата над смртта. Во оваа ноќ, гробот стана
лулка на нов живот, крајот стана почеток на вечноста, смртта триумф над
бесмртноста, тагата - извор на радост. Светата радост се разлеа насекаде, ги
зафати сите битија, ја опфати целата природа, ги исполни небото и земјата. С?
што е видливо и невидливо како да се слева во еден величествен хор кој
таинствено пее за животот што триумфира.
„Христос
воскресна!” Колку милозвучно одекнува овој радосен возглас, кој како
благопријатен пролетен мирис ја гали душата на секој што верува и како лековит
балсам ја лекува секоја немоќ и секоја тага. Христос воскресна! - осилото на
смртта е отапено, силата на адот е разурната, ѓаволот е победен и посрамен, а
портите на Царството небесно се широко отворени за сите.
Сето
ова се гледаше на лицата на многубројните верници кои пристигнаа во Бигорскиот
манастир, вдахновени од радоста на Христовото воскресение, нетрпеливо очекувајќи
го мигот кога торжественото биење на камбаните ќе ја објави оваа радосна вест на
целиот свет. А радосната возбуда ја зголемуваше и исчекувањето на Благодатниот
оган кој секој момент се очекуваШе да пристигне во манастирот.
Најпосле,
кога настапи полноќ игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј со
своите браќа и сестри следен од многубројниот народ, со свечена литија слезе до
манастирските порти и го прими Благодатниот оган. Тогаш неземна светлина го
облеа целиот манастир и во таа светлина с? се промени, с? изгледаше поинаку и
толку благодатно, а очите не можеа да се наситат од гледањето на блесокот од
овој божествен пламен.
Како
воден од некоја сила, Архимандрит Партениј се појави на царските двери, држејќи
во рацете два снопа со по 33 свеќи, а верниот народ радосно пристапуваше за да
го прими Божјиот благослов, додека во црквата одекнуваа стиховите: „Дојдете
примете светлост од невечерната светлина!”
Започна
свечена литија околу црквата, проследена со прекрасни византиски напеви и
торжествено биење на камбаните. А кога беше прочитано Воскресното Евангелие и од
сите страни моќно одекна радосниот поздрав: Христос Воскресе! Вистина Воскресе!
Архимандрит Партениј им се обрати на присутните сакајќи со нив да ги сподели
боговдахновените мисли кои во моментот му надоаѓаа:
„Христос
Воскресна! Радувајте се! Ако првиот Адам кој беше создаден за заедница со Бога,
за вечна радост и љубов помеѓу него и Бога, заради гревот и од завист пропадна,
сега радувајте се, имаме нов Адам, совршен Бог и совршен Човек. Бог Кој од љубов
слезе од небесата, се овоплоти, живееше со нас 33 години како човек за да го
победи гревот, за да ја победи смртта... Само преку Христос човекот може да биде
морален и добар. Само кога Христос живее во човековото срце, само тогаш човекот
е полн со љубов, бидејќи е свртен кон вечноста и сака да живее вечно со својот
Создател. Човек христијанин е човек кој гледа во вечноста, човек кој е постојана
пролет, човек кој е постојана љубов, човек кој знае да биде пожртвуван за својот
ближен, бидејќи Спасителот тоа ни го заповедал... Доказ дека Христос воскресна е
душата која се радува неизмерно на Христовото Воскресение. Нема душа која денес
не се радува на Христовото воскресение. Почувствувајте ги вашите души,
почувствувајте ги вашите срца! Нели се исполнети со неискажлива радост. Така е
повеќе од 2000 години после Христовото воскресение. Тоа е сила неизмерна. Нашиот
народ со Христа секогаш го победувал светот. Многу искушенија нашиот народ
помнал верувајќи во силата на Воскресението. Нашите прадедовци биле силни во
верата и секогаш со Христа победувале. И овој манастир, толку пати рушен и
обновуван сведочи за нивната вистинска вера. Иако пет века под ропство, нашите
предци никогаш не се уплашиле од силата на поробувачите, туку одново и одново го
граделе, верувајќи во силата на Христовото Воскресение. А овој манастир, овој
македонски Сион, одиграл огромна улога во македонската историја. Овде започна
преродбата кога нашиот народ во петвековното ропство беше во очајна состојба.
Овде сите преродбеници започнаа да го шират повторно Словото Божјо кај
македонскиот народ...
Да
се помолиме за сите оние кои никогаш не ја почувствувале оваа радост, да се
помолиме за нашата татковина која с? што има Му должи токму на Воскреснатиот
Христос. Просветата ја должиме на светите монаси Кирил и Методиј, кои се
жртвуваа за еден народ кој ја заборавил светата вистина. Инспирирани од
воскресната радост, инспирирани од светата љубов, тие дојдоа во словенските
земји и го проповедаа Светото Евангелие. А сега Уставниот суд како еврејскиот
Синедрион на Велика среда кажа: „Нема место за Христа во просветата!” Тоа е
страшно, тоа е ужасно, срамно за нашиот род. Но, нека знаат сите што се борат
против Христа дека само навидум тие Го победиле. За кратко време Он воскреснува.
Така ќе бидат победени безбожниците, како што кажавме и во воскресната вечерна
молитва: како што исчезнува димот така ќе
исчезнат... бидејќи патот на безбожниците води кон
погибел...
Радувајте
се, помолете се за целата наша татковина за да влезе светлината Христова во
срцата на сите луѓе. Му благодариме на Бога што н? удостои вечерва да го имаме
во нашите раце Благодатниот оган, што на чудесен начин секоја година слегува во
Светиот Гроб Христов и му ги пали свеќите на Ерусалимскиот патријарх. Преку
Солун и ние оваа вечер го имаме Благодатниот оган. Им благодариме на
благочестивите христијани, Македонци и Грци, бидејќи сите сме едно во Христа,
кои ни овозможија и ние да имаме благослов од овој оган над целата наша
татковина - светлина во македонската земја. Христос
воскресна!”
Духовно
нахранети од овие боговдахновени зборови, сите присутни се вратија во храмот за
заедно со монасите да учествуваат во Светата Божествена Литургија и со восхит
ликувајќи заради Христовото воскресение, да се причестат со Неговите Свети
Тајни, кои на овој ден им се достапни на сите зашто како што вели Златоуст,
Христос го прима на Својата трпеза и оној што стигнал во последниот час исто
како оној што дошол во првиот час.
По
Светата Литургија беше подготвена трпеза на љубовта. Сепак манастирските
трепезарии беа премали за да ги примат сите придојдени, па затоа неколкуте
стотици што останаа во дворот беа поткрепени со мала закуска. За време на
трпезата беше прочитана и Посланицата од Неговото Блаженство г.г. Стефан и
Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна
Црква.
Христе, Господи, колку е божествен, колку е љубезен, колку е сладок Твојот глас, Ти Кој семоќно ги подигна луѓето од ропството и правот и ги издигна за во слобода и слава да бидат деца Божји. Ти Кој со воскресението на правдата, вистината и братството си го открил неисцрпниот извор на радоста и во самата долина на плачот и страдањата, Ти Христе Спасителе, што си н? откупил со тешкиот Голготски Крст и со Своето славно Воскресение, направи постојано да се зголемува радоста на народите, утврди ја верата, правдата и слободата и во нашата земна татковина и направи н? да бидеме наследници на Твоето вечно Царство.
Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица