Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свечени богослужби во манастирот во Рајчица (07.05.2009)

Дојдете, верници, собрани, дојдете да празнуваме,

оти денес е споменот на страдалецот Георгиј,

кој невидливо ги просветлува нашите срца,

светејќи со добродетели.

            Затоа, пеејќи еднодушно, да речеме:

            Радувај се, воину на великиот Цар Христа!

            Радувај се, пресветла пофалбо на верата!

            Радувај се, ти кој си сесветол и пребогат!

Моли го за нас Господарот на сите - Христа Бога,

да бидеме запазени од искушенија на лукавиот, блажени

и да ги спаси душите наши. 

                                                (литијни стихири)

 

Со каква небесна светлина светат светите маченици. Со посебен блесок тие ја осветлуваат земјата и го покажуваат патот на светоста и совршенството. Денес Црквата слави токму еден таков светилник, смел исповедник и маченик, кој е вистински пример за непоколеблива вера и верност кон небесниот Цар на мирот, за благородието и личната храброст. Таа ни го истакнува ликот на големиот маченик за Христа - Георгиј Победоносец.

Разгорувајќи се со љубовта Христова, овој великомаченик заради таа љубов ги оставил и чинот и богатството и царските почести и пријателите и сиот свет, а на крај го предал и своето тело на сурово измачување, исповедајќи Го така преблагиот наш Господ, и храбро положувајќи го и својот живот за Неговата вистина. Поради тоа бил овенчан со венец на невенлива слава на небесата, а милостивиот Бог му подарил и сила и власт да им помага на бедните во неволјите, и на сите оние кои во молитва го призиваат.

Исполнети со силна љубов кон својот победоносен патрон, сестрите од манастирот на свети Георгиј во Рајчица, заедно со бигорското братство и големото мнозинство на верници и посетители, се потрудија достојно и со големо торжество да го прослават неговиот свет спомен, сакајќи на тој начин да му заблагодарат за неговото молитвено застапништво и благодатта што овој Христов воин штедро ја излева врз сите преку своите чудотворни и благоухани мошти. А какво блаженство за душата беа светите мошти на Победоносецот! Положени на свечен престол, целите преукрасени со венци од раскошни цвеќиња, тие со своето благоухание ја исполнуваа целата црква, разгорувајќи ги со љубов срцата на сите присутни, кои со посебно умиление ги пееја похвалните стихови кон светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј.

Зборувајќи за подвизите на овој светител, во својата проповед после Божествената Литургија со која чиноначалствуваше, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј го истакна значењето на духовните подвизи во животот на секој христијанин. Нашиот подвиг за духовно искачување треба да биде упатен кон долгот кон Бога и кон луѓето. Да се потрудиме денешниот ден да ни биде подобар од вчерашниот и тогаш ќе разбереме дека со Божја помош можеме да се искачиме уште повисоко и да достигнеме неискажливо духовно задоволство, зашто духовното подвижништво е поврзано со постојана радост. Да ги подражаваме светиите, особено големиот маченик св. Георгиј, кој бил голем подвижник, и тогаш Божјата сила ќе нè зацврсти за да ги очистиме со неа нашите извори на животот, и во нашите срца да ја зацврстиме волјата и спасително да се подвизуваме со добар подвиг на верата (1 Тим. 6, 12), по молитвите на светиот великомаченик Георгиј.“

 

                            

 

                            

 

                                                  

 

                                                  

 

                                                 

 

                             

 

                           

 

      

 

                           

 

                                                 

 

                             

 

 

 

 

Известуваат сестрите од манастирот во Рајчица