Поклонение во Италија – благодат која ќе се памети (13.05.2009)
Матурантите при Македoнската православна богословија Свети Климент Охридски во периодот од 20 април до 26 април 2009 година го реализира поклоничкото и научно патување низ Република Италија и Република Албанија. Ова патување всушност претставува и продолжување на долгогодишната пракса на Богословијата по празникот Воскресение Христово да се организира поклоничко и научно патување во некоја земја каде што богословите ќе можат да посетат одредени свети места и да се поклонат пред моштите на светителите, но исто така, тоа е можност да се запознаат и практично со некои работи кои ги изучувале во текот на нивното школување во Богословијата. Изборот за посета на овие две земји беше одреден уште во октомври 2008 година на редовната седница на Наставно научниот совет при Богословијата, а истата одлука беше поддржана и од страна на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква.
Патувањето започна од Богословијата во утринските часови на Вториот ден (понеделник) од Воскресението Христово. Првата средба која ја остваривме беше во Постојна, односно во центарот на Фоколарите, Марија Поли, во с. Планина. Во овој центар бевме пречекани од страна на претставниците на Фоколарите, г-ѓа. Валерија Бранчич вработена во Ватикан и г-дин. Силвестер Тончич, координатор во Министерството за култура во Република Словенија. Од страна на МПЦО Свети Климент Охридски бевме пречекани од претседателот на општината Трајче Андонов и секретарот Атанас Продански, личности кои по вторпат го покажуваат своето братољубие кон Богословијата преку нивната грижа за сместување на богословите во Република Словенија за време на нашите поклонички и научни патувања.
Во вториот ден од патувањето, односно на 21 април започна реализирањето на нашата програма за поклоничкото патување. Во раните утрински часови беше посетен градот Трст, односно најголемиот православен храм во Италија, Свети Спиридон, изграден во 1869 година. За историјата на храмот, како и за неговата архитектура и уметност, ни објасни неговиот старешина, прота-ставрофор Рашко Радовиќ. Потоа беше посетен и вториот православен храм во Трст посветен на свети Никола, а подоцна беше разгледан градот и градскиот плоштад. По напуштањето на Трст патувањето продолжи кон Венеција. Во овој град најпрвин се посети храмот посветен на светиот апостол и евангелист Марко, каде што бевме пречекани од страна на отец Марко Скарпа, кој е задолжен за екуменски релации на Егзархатот на Венеција со православните цркви. Веднаш потоа беше отслужен молебен на гробот од светителот на кој, покрај богословите, присуствуваа и голем број на други верници. По завршувањето на молебниот, придружени од отец Марко, го разгледавме храмот и неговата галерија, а потоа продолживме да ги разгледуваме и останатите знаменитости на градот како: Il ponte di sospiro, Il ponte di rialto, Il Mercantile, односно старата берза на Венецијанската република. На крај од разгледувањето на градот беше посетен и најстариот православен храм во Италија Свети Георгиј (1550 година). Во попладневните часови патувањето продолжи за Равена, каде што се ноќеваше во хостелот Данте.
Во третиот ден беа посетени најпознатите храмови во светот кои во својата внатрешност се украсени со мозаици уште од ранохристијанскиот период: базиликата Свети Виталиј (VI век), мавзолејот на Гала Плачидиа (V век), крстилницата Neoniania (V век), базиликата San Apolinare Nuovo (VI век) и базиликата San Apolinare in Classe (VI век). По ова разгледување во попладневните часови патувањето продолжи кон Рим, односно во Grottaferrata, предградие на Рим, каде што бевме пречекани и сместени од архимандритот Емилијан Фабрикаторе во манастирот San Nilo (XI век). Во овој манастир по вторпат Богословијата, за време на своите поклонички и научни патувања, е прифатена како гостин.
На четвртиот ден од патувањето започна разгледувањето на градот Рим. Најпрвин беше посетена базиликата San Paulo fuori le Mure (1823 година), базилика која изобилува со мозaици и во која хронолошки, преку фрески, се опишани најзначајните моменти од животот на апостол Павле. Потоа беше посетен и локалитетот Circo Massimo, најголемиот стадион во историјата, изграден од човек, кој можел да собере и до 320.000 луѓе. Во продолжение на денот беше посетена базиликата Santa Maria in Cosmedin (VI век), каде што се ноаѓаат и дел од моштите на свети Валентин. Потоа беше посетен и споменикот подигнат во чест на обединувањето на современа Италија и споменикoт на незнајниот јунак Altare della Patria (1885-1915 година), како и Piazza Venezia, Трајановиот форум, Campidoglio, Carcere Mamertino (затвор во кој апостол Петар ја издржувал својата прва затворска казна), Колосеумот, т.е. најголемот отворен театар во светoт, Константиновата капија, базиликата San Giovanni in Laterano, а во 15.30 часот во базиликата San Clemente, се отслужи молебен пред моштите на свети Кирил Солунски. До крајот на денот беа посетени и базиликата San Pietro nei Vincoli, каде што се наоѓаат чесните вериги од апостол Петар како и познатата статуа на пророкот Мојсеј, изработена од Микеланџело. Потоа ја посетивме и базиликата Santa Prassede, односно манастирoт во кој светите браќа Кирил и Методиј живееле за време на нивниот престој во Рим. Во продолжение на денот беше посетена и базиликата Santa Maria Magiore, храм во кој била потпишана вулата од страна на папата Јован дека светите браќа можат да го проповедаат христијанството во Моравија на словенски јазик. На крајот од денот беа посетени и Пантеонот, или храм на сите богови од II век, а од почетокот на VII век со одлука на папата Бонифациј IV, посветен е на Дева Марија и на сите Маченици. Потоа беа посетени Fontana di Trevi и Шпанските скали.
Во петтиот ден од патувањето најпрвин беше посетена базиликата Свети Петар, во која богословите најпрвин ја видоа познатата статуа од Микеланџело, Pieta, односно Mилоста на Мајката Божја, а потоа се поклонија на светите мошти од светиот апостол Петар, свети Јован Златоуст, свети Григориј Ниски и свети Григориј Двоеслов. По разгледувањето на базиликата Свети Петар, богословите се сретнаа со секретарот на Комитетот за единство на христијаните при Ватикан, отец Милан Жуст, а потоа беше посетен замокот Castelo sant` Angelo, Piazza Navona и локалитетот Tore Argentino. Во поладневните часови беше посетен градот Тиволи, во кој се наоѓа познатата бенедиктинска базилика Santa Maria, или попозната како Villa d`Este (1550 година), вила во која кардиналот Иполит ги поминал последните години од животот.
Во саботата во раните утрински часови беше напуштен манастирот San Nilo и се упативме кон јужна Италија, односно најпрвин беше посетен градот Андриа, каде што се одржуваа денови на светите Кoзма и Дамјан, во храмот Santa Maria dei Miracoli, во која бевме пречекани од страна на старешината на храмот, отец Џузепе, кој ни ја објасни историјата на овој древен храм кој бил основан од источните монаси. По разгледувањето на храмот следеше молебен пред моштите на светите Кoзма и Дамјан, на кој присустваа и голем број на верници од градот.
По молебниот, патувањето продолжи кон Алберобело, град во кој, исто така, се наоѓаат свети моштии од свети Козма и Дамјан, град кој е под заштита на UNESCO поради својата карактеристична архитектура. Во 18. 00 часот пристигнавме во Бари, каде што ја посетивме базиликата Свети Никола, во која бевме пречекани од деканот на истоимениот екуменски институт, Скоњамиљо Росарио, кој ги запозна богословите со историјата на базиликата и со историјата на екуменскиот институт. По приемот беше отслужен молебен на гробот на светителот на кој, покрај богословите, учество зедоа и голем број на православни христијани кои живееат во овој град.
По молебниот беше разгледан и градот, како и православниот храм Свети Никола, започнат од последниот руски цар Никола II Романов. Во вечерните часови градот Бари и Италија беа напуштени и со брод се упативме кон Република Албанија во која пристигнавме во утринските часови во неделата.
Во седмиот ден од патувањето најпрвин пристигнавме во Драч, а потоа го продолживме патувањето кон Тирана каде ја посетивме соборната црква посветена на Благовештението, каде што се сретнавме со Негово блаженство, Архиепископот Анастасиј.
По Тирана беше посетен и храмот посветен на свети Јован Владимир во Елбасан, од каде се упативме кон граничниот премин Ќафасан.