Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Отворено писмо на лидерите на верските заедници во Р. Македонија (19.05.2009)

Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската верска заедница, недвосмислено и со целосна взаемна поддршка изградија единствен став по прашањето за Веронауката и, по тој повод, до одговорните фактори во државата и нејзините релевантни институции, до меѓународните претставници и до јавноста, го упатуваат ова

 

О Т В О Р Е Н О   П И С М О

 

Еднодушно, и овојпат, ја изразуваме нашата најсрдечна благодарност за воведувањето на Веронауката во образовниот систем во Република Македонија и нејзиното изучување во петто одделение, во учебната 2008/2009 година. Тоа го цениме како значаен придонес во демократските процеси кај нас и голема придобивка на демократијата што ја ползуваат младиве генерации, а за која чезнеевме ние, повозрасните, во едно минато време. Изучувањето на Веронауката во училиштата значи и следење на примерот од поголемиот број земји во Европската унија кон која стремиме и ние. Но, за жал, таа за малку не го дочека својот успешен завршеток и крајот на учебната година, оставајќи ги учениците во незадоволство и револт, без оценка по предметот, и барање да им се врати Веронауката, бидејќи им е потребна. Токму заради тоа и беше воведена во училиштата, бидејќи таа беше и останува неопходна потребност за децата и за нивното изградување во добри личности. Оттаму и нашата одлучна решеност да не отстапуваме од изучувањето на Веронауката во образовниот систем на нашата држава и ќе продолжиме да го бараме тоа сè до конечното остварување. Тоа значи дека сите ние заедно, од името на нашите верници и почитувачи, остварувајќи го нивното право на слобода и слободен избор, бараме одговорните во државава, соодветно и законски да овозможат, од наредната учебна година, да се изучува Веронауката во училиштата.

Со тоа ќе ја вратиме кај децата радоста во душата, насмевката на лицата и моралноста во срцата. Ќе им помогнеме најпрво ним во усвојувањето на духовните богатства, во изградувањето на основниот систем на моралните вредности и во осознавањето на својот верски и национален бит, како и почитта кон другите кои припаѓаат на друга вера и нација, бидејќи ќе учат и за нив и ќе знаат, та да не се плашат од предрасудите и од непознатото. Ќе им помогнеме и на нивните родители кои сакаат да имаат добри деца со изградени карактерни особини и склони кон доброто во животот. Ќе ѝ помогнеме и на државата, изградувајќи личности кои ќе бидат цврсти столбови на демократијата и чувари на верата и татковината, знаејќи ги нивните богатства и значајности. Ќе им помогнеме и на другите во пошироката заедница на Стариот континент, претставувајќи ги нашите придонеси за човештвото, од далечното минато до нашава сегашност, градејќи светла иднина. И најпосле, тоа ќе ни донесе радост на сите, оти правиме добро пред Бога, Кој ќе го благослови со добар плод и со благопријатност за сите.  

 

Македонска православна црква

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан

 

Исламска верска заедница

Реис ул Улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи

 

Католичка црква

Бискуп Скопски и апостолски егзарх во Македонија д-р Киро Стојанов

 

Евангелско-методистичка црква

Претседател Михаил Цеков

 

Еврејска верска заедница

Претседател Бјанка Суботиќ

                                                                                                                                                                                                         

    Скопје, 19 мај 2009 г.