Архиепископот Стефан: Св. Кирил и Методиј духовна тврдина за македонското име, идентитет, култура и историја (25.05.2009)
Годинава Македонија по 42-ри пат го чествува светото име на свети Кирил во базиликата Сан Клементе во градот Рим. Македонската државно-црковна делегација беше предводена од претседателот на Р. Македонија г. Ѓорѓи Иванов.
На гробот на свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“, кадешто веќе 1140 години почива телото на блажениот рамноапостол, на 24 мај 2009 година, кога се одбележува Денот на сесловенските браќа светите Кирил и Методиј се одржa молебен со кој чиноначалствуваше поглаворот на Македонската Православна Црква г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Епископот Хераклејски г. Климент и архимандритот Нектариј.
Извадок од говорот на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на молебенот во базиликата Сан Клементе:
Светите Кирил и Методиј духовна тврдина за македонското име, идентитет, култура и историја
„Дојдовме овде за да се поклониме и да се помолиме пред светите мошти на духовниот великан од нашиот род, пред Светителот кој преку своето дело го афирмира нашиот јазик, просвета и култура. Свети Кирил, иако гробот му е далеку од родната Македонија, тој е близу до сè што е наше. Овде можеме да размислуваме, да учиме и да се подучуваме за тоа како со себеси и како со другите, како со љубовта и како со омразата, како со временото и како со вечното. Овде покрај св. Кирил се потсетуваме на тоа колку треба да ги живееме и почитуваме верата и Црквата, колку да ги чуваме јазикот и писмото, колку да ги вреднуваме просветата и културата. Тука се уверуваме и во тоа колку сегашноста и иднината неможат без минатото. Возљубени празникољупци, св. Кирил беше и останува наша најголема гордост пред другите и наша најсилна духовна тврдина пред овие кои го негираат нашето име, идентитетот, јазикот, културата, историјата и се што е наше - македонско“ - меѓу другото рече на молебенот Неговото Блажество Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
На службата во базиликата „Сан Клементе“ присуствуваше и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој ја предводи државно-црковната делегација на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и голем број на верниот народ од Р. Македонија.
Извор: МИА