Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Рождество на свети Јован Крстител – Иванден во Бигорскиот манастир (08.07.2009)

„Денес се јави големиот Претеча, кој излезе од неплодната утроба на Елисавета,
најголемиот пророк меѓу сите пророци и како него друг не се појави,
зашто врвната Светлина го следи светилникот Претеча и Словото го следи Гласот и Младоженецот –
оној што ја води Невестата и подготвува народ избран за Господа,
предочистувајќи го, преку Духот со вода... “

(Стихира од канонот на празникот)

           

Како важен и значаен настан на Божјата волја и милост кон човекот и неговото спасение, Светата Православна црква го одбележува и посебно го празнува рождеството на светиот пророк, претеча и Крстител, Јован.

Раѓањето на Претечата е награда и вистинско наследство од Господа за неговите родители Захариј и Елисавета, кои веќе во одмината возраст го добиваат Св. Јован, како  дар од Бога заради нивниот чист, праведен, богобојажлив и непорочен живот. Како што за раѓањето на Св. Јован предвестил ангел испратен од небесата, така и самиот татко, старецот Захариј, пророчки зборува за младенецот Јован: „А, ти младенче ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа, за да Му ги приготвиш патиштата Негови; и да го вразумиш народот Негов за спасение, преку проштевање на гревовите нивни...”

А, Елисавета, охрабрена и почестена што Бог ја удостоил со таква голема милост, да роди во поодминати години, решително им кажува на ближните како ќе се нарече нејзиниот младенец. Нејзината радост како мајка е неописливо голема уште од моментот кога го зачнува Претечата; таа знае дека раѓањето на нејзиниот син е посебен, необичен и важен настан во Домостројот Божји за спасението на луѓето, а тоа го потврдува и моментот од нејзината средба со Пресвета Дева, кога нејзината рожба заигрува од радост поради средбата со Мајката Господова.

Од утробата на неплодна стара жена ќе се роди Претечата кој како слуга ќе Му послужи на својот Господ, ќе го навести и Неговото доаѓање; неговото раѓање ќе посведочи дека тоа е само едно убаво чудо кое ќе им претходи на многубројните чуда Божји чуда и ќе потврди за раѓањето на Спасителот Христос од Дева.

 

 

Затоа, со воодушевување и восхит Светата Црква радосно пее за рождеството на Претечата: 

„Елисавета се радува, а Захариј повторно прозборува; обајцата веднаш се обновуваат и просветлуваат, бидејќи преку нив на светот му засветли Светилникот на Светлината и зората која го навестува Сонцето на правдата. “

Токму во навечерието на овој голем празник, во Бигорскиот манастир со сеноќно бдение се одбележа рождеството на чесниот и славен пророк, Претеча и Крстител Јован, патрон и заштитник на Бигорскиот манастир. Со голема почит и љубов кон светителот, присутните верници му се помолија на светителот да посредува пред Бога за нашиот народ и земја, за нашите млади генерации и за нивен духовен напредок и успех.

На самиот празник беше отслужена Божествената Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј во сослужение на Мирополитот Повардарски г.г. Агатангел и игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј со неговото братство. По Литургијата, во својата беседа, г.г. Тимотеј го истакна како важно и значајно прашањето за раѓање на повеќе деца во семејството како предуслов за опстојување на нашиот народ и нашата земја, воедно велејќи: „Св. Јован со своите молитви да ги обрати срцата на татковците кон децата, на родителите оладени кон својот пород и нивните срца замрзнати под мразот на оваа наша современа и бездушна цивилизација.”

По Божествената Литургија, во свечена литија предводена од чудотворната икона на св. Јован, сите присутни се упатија кон фијалата во која се осветија новозографисаните фрески и се освети вода од која сите верници можеа да си понесат дома како благослов од овој празник.

„Сеславен Јоване, ти се јави за сите како Претеча на благодатта кој го подготви патот на Господа. Крстителу и апостоле моли го Христа Бога да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го празнуваат твојот свет спомен.”

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица