Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (20.08.2009)

Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид на 10 август свечено беше отворен 42. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.

На семинарот, што трае до 27-ми овој месец, ќе учествуваат 90 странски слависти, македонисти, балканисти, историчари, етнолози, универзитетски професори, научни работници, преведувачи и студенти по македонистика, славистика и по балканистика од 27 земји, најмногу од Полска, Чешка и Русија, а потоа и од Хрватска, Словенија, Албанија, Јапонија и Америка.

На 17 август во 12,оо часот во Конгресната сала на Семинарот свое предавање имаше деканот на Православниот Богословски Факултет проф. д-р Ацо Гиревски на тема „Македонскиот јазик во преводот на Библијата“.

Во својата студија, отецот Гиревски, меѓу другото истакна дека „македонскиот јазик е втемелен и во најчитаната книга над книгите Библијата, и тоа уште пред илјада години, тогаш како старословенски со македонско наречје од Солун и солунско и денес во новиот превод на Библијата како современ македонски книжевен јазик. Токму затоа и двата историски настана во старата и новата македонска книжевност побудуваше и побудува не само богословски, јазички, туку сеопшт општествен интерес. Преводот на Библијата во секоја национална култура е важна и макотрпна работа, но и икона преку која се огледа односот на еден народ, во овој случај на македонскиот, кон религијата, кон сопствениот јазик и традицијата како најголеми културни вредности. Ова дотолку повеќе што појавата на Библијата на современ македонски јазик е несомнено културен настан од првично значење не само за Македонската Православна Црква, туку се јавува и како неизбришлив тестамент што воопшто еден народ може да го има“.
Натаму, во својата студија професорот  Гиревски се осврна на четири принципиелни точки во врска со современиот превод на македонската Библија: на авторството, методологијата на преводот, употребата на македонскиот јазик во преводот на Библијата и на крајот зборуваше за ревидираното издание на Библијата како континуитет на Првото целосно издание на Гавриловиот превод на Библијата на современ македонски литературен јазик.

По враќањето од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, каде проф. д-р Ацо Гиревски, актуелен декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје имаше свое предавање на тема „Македонскиот јазик во преводот на Библијата“,  го запрашавме каков е одзивот за упис на Православниот богословски факултет годинава. Го добивме следниот одговор: „Датумите на Конкурсот за упис на студенти во прва година го усогласивме со оној на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, чија придружна членка е Православниот богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје, со цел да се пријават само оние кои однапред се определиле за овој Факулет и своевремено се подготвиле за приемниот испит. Вчера и денес во одделот за Студентски прашања се пријавила задоволителна бројка на кандидати од кои комисијата ќе изврши избор. Годинава имаме и двасетина матуранти од средното Богословско училиште кои, исто така, се кандидати, такашто веројатно годинава полесно ќе го пополниме потребниот број на нови студенти за студии во претстојната 2009/10 година“, меѓу другото рече Деканот на факултетот.

 

 

                     

 

 

Извор: Преминпортал