Воздвижение на чесниот и животворен Крст Господов (28.09.2009)
„Мојсеј
те предобрази, кога ги подигна рацете кон небото и го победи мачителот Амалика,
крсту чесен, на верните похвало, на страдалниците поткрепо, на апостолите
украсу, на праведните заштитнику, на сите преподобни - спасителу! Затоа,
гледајќи го твоето издигнување, се радува целото создание и торжествува,
славејќи Го Христа, Кој, со својата добрина, го собра она што беше
разделено.”(стихира од вечерната богослужба)
Со
векови на овој ден благоверниот христијански народ го слави споменот на еден
величествен настан, кога на соборите на архиереите, среде храмот, над оние кои
топло се молат, високо се издигнал крстот и ги осветлил сите четири страни, а
верните за сето време громогласно пееле „Господи, помилуј!” Тоа бил празникот на
христијанската империја, која се родила под знакот на Крстот, во денот кога
императорот Константин во видение го видел Крстот и ги слушнал зборовите: „Со
ова ќе победиш...” Тоа е Празник на победата на христијанството, нашата победа
која го победи светот.
Крстот
го прави нашиот живот прекрасен, нѐ сообразува со Христа, ни дава можност
духовно да растеме, подготвувајќи нѐ за Воскресението и за животот вечен. За
оние надвор од Црквата крстот и ден денес е камен за сопнување, соблазна и
безумство. За нив крстот е причина за страв и потсмев, но презирајќи го, тие
засекогаш остануваат без неговиот благослов, неговата сила, без надеж во
сегашниот и идниот век.
А
смирените ученици Христови со многу трпение го носат крстот свој во овој живот и
така ја одржуваат благодатта Божја во овој наш болен и расипан свет, зашто каде
е крстот, таму е и радоста која доаѓа со него. Таа радост всушност е сокриена во
длабочината на крстот како негова најголема тајна, тајната на домостројот на
човековото спасение, кое многумилостивиот Бог го промислил за нас кога ни го
дарувал својот Крст, како најсилно оружје, извор на сила и надеж. Животворниот
крст Господов ги воздигнува сиромашните и бедните, а гордите ги понизува со
срам. Крстот е чудесен знак кој во себе ја крие целокупната тајна на
божествениот домострој за спасение на човекот, а оттука и монашкиот живот како
крстоносен, сиот е исполнет со радост кога се носи својот крст со силна надеж и
оптимизам.
Токму
поради таа голема љубов и почит што верниците ја имат кон Животворното дрво на
нашиот Спасител, не само во навечерието на празникот, на вечерната богослужба,
туку и на самиот ден Крстовден, во голем број притекнаа во манастирот на Св.
Георги Победоносец со цел да се поклонат на Чесниот крст и на моштите на
светителот кои со својата благоухана миризба како да покажуваа колку светиот
маченик се радува на овој голем празник. Како што во четвртиот век се воздигна
Чесниот Крст кога го пронајде светата царица Елена, така и денес молитвено и со
коленопреклоненија на утрената богослужба, свечено се воздигна крстот во кој е
вградено големо парче од Чесниот и Животворен Крст. Сите верни се поклонија и го
целиваа Крстот Кој е чувар на сета
вселена, Крстот Кој е красота на Црквата, Крстот Кој е сила на царевите, Крстот
Кој е поткрепа на верните, Крстот Кој е слава на ангелите и рана на
демоните.
Со
Божествената Литургија чиноначалствуваше Митроплитот г-дин Тимотеј во сослужение
на Архимандрит Партениј и братството од Бигорскиот манастир, а по завршувањето
на Литургијата, Митрополитот со пригодна беседа во чест на празникот им се
обрати на верниот народ и сите присутни, истакнувајќи ја важноста и значењето на
Крстот за човековиот живот, неговото спасение и сообразувањето на човекот со
Спасителот во носењето на сопствениот крст во секојдневниот живот: „Животворниот
Крст Господов се појавува не само како препознатлив знак во овој свет или симбол
на христијанството. Тоа е пат кон нов, преобразен живот, кон лекување на падната
природа на човекот и обновување на духовно-телесната природа на луѓето. Крстот
Христов е неразделен и е содинет со Пасхата Христова, со торжеството на
Воскресението и вечниот живот. Затоа и Крстот на кој се распна Спасителот
Христос се нарекува Животворен.”
Христовиот крст постои и се јавува и денеска во животот на светителите, во животот на Христовите ученици, во животот на верните. Со големо трпение тие го носат крстот во својот живот, и покрај слабоста и несовршенството на човековата природа. Ние сакаме на Крстот Христов да го распнеме нашиот стар човек – нашите горди помисли – и преку своите секојдневни дела слободно да можеме да запееме: „На крстот Твој се поклонуваме Владико и Твоето свето воскресение го воспеваме и славиме.”
Изваестуваат: сестрите од Рајчица