Архиепископ г.г. Стефан: Да размислуваме како да го обновиме опожарениот Бигорски (1.10.2009)
Дебар, 29 септември 2009 (МИА) - Поглаварот на Македонската Православна
Црква г.г. Стефан, претседателот Ѓорге Иванов и членови на Владата, кои вчера
дојдоа во опожарениот манастир Св. Јован Бигорски, изразија жалење за уништеното
црковно, историско и културно богатство, но и увереност дека манастирскиот
комплекс многу брзо ќе биде возобновен и ќе му биде вратен стариот сјај.
„Во
раните утрински часови се случи несреќа во Бигорскиот манастир, се опожари на
сите нам познатиот конак, дело на дебарските мајстори. Среќа е што ниту еден од
монасите и гостите присутни во манастирот не е повреден. Среќа во оваа голема
несреќа е што резбаниот иконостас и манастирската црква се спасени од огнените
јазици, благодарение на монасите и жителите на соседните села, кои заедно со
противпожарната служба пристигнаа набрзо по избувнувањето на пожарот“ - изјави
г.г. Стефан. „Тагата за Бигорски, верувам дека нема да направи граница меѓу
граѓаните на РМ и пискотот од над Радика ќе се слушне надалеку, тагата ќе трае
долго, но верувам дека ќе се родат нови мајстори, кои ќе ја продолжат
мајсторијата на надалеку познатите дебарски мајстори, дека ќе го возобновиме ова
што денеска за миг го изгубивме. Денешниот случај, оваа несреќа нека биде
предупредување за сите нас, колку и како се грижиме за она што нашите постари го
направиле и ни го оставиле со многу вера, љубов и уметност во нив. Ја повикувам
сета наша македонска јавност оваа несреќа во Бигорски да ја разбере како случај
кој ни се случил од невнимание на сите, а не поинаку“ - нагласи г.г. Стефан.
Извор: МИА