На монасите им се потребни услови за монашки живот (1.10.2009)
Дебар, 1 октомври (МИА) - На денешната вонредна седница на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква што се одржа во манастирот „Свети Јован Бигорски“, на која присуствуваа архиепископот на МПЦ г.г. Стефан, владиците Кирил, Агатангел, Тимотеј, Климент, Петар и Наум, се разговараше за состојбата по пожарот во манастирот, како и за помошта која му е потребна на монашкото братство.
Портпаролот на МПЦ и митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј по седницата изјави дека во моментов најпотребно е да се обезбедат услови за живот на монасите.
- Во моментов најпотребно е да се обезбедат услови за монашкиот живот на монасите. Радува тоа што помош пристигнува од сите страни, за што сме неизмерно благодарни, рече г.Тимотеј, истакнувајќи ја поддршката која да дале претседателот на државата, Владата, ИВЗ и фирми кои донирале храна за монасите.
Во текот на наредниве денови ќе бидат разгледани можностите за отпочнување на изградба на комплексот за живеење на монасите. Епархиите се задолжија да обезбедат средства за обновувања на опожарената градба.
Извор: МИА