Осветување на параклисот во Македонската православна богословија (21.10.2009)
На 17 октомври 2009 година се изврши осветување на капелата „Св. Климент Охридски“ во Македонската православна богословија во Драчево. Чинот на осветување на капелата го изврши Неговото Блаженство, Архиепископт Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение на Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Брегалнички г. Иларион. На чинот присуствуваше и Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски
Слово изговорено на осветувањето на параклисот во Богословијата на 17 октомври 2009 година.
Ваше Високопреосвештенство, господине ректоре, Високопреосвештени браќа архиереи, господине министер за образование, почитувана директорке на Комисијата за односи со МПЦ и верските заедници во РМ, господине градоначалниче на Кисела Вода, професори и ученици - возљубени во Господа,
Еве уште еден за радост: радост за Македонската Православна Богословија и за Македонската Православна Црква! - Со денешниов чин, со осветувањето на параклисот и благословувањето на просториите на училиштето и интернатот, се привршија работите - поправката и доградбата - со што, конечно, се создадени потребните услови за нормално живеење и сместување, се создадени просторни услови за учење и престојување, како и место за молитва.
Со денешниов чин се исполнија желбите на сите досегашни ученици и професори, на ректорите и на сите коишто посакуваа Богословијата да има пристојни и училници и спални, и библиотека и трпезарија, и параклис и се што и е потребно на една образовна духовна институција.
Во далечната 1967 година, кога во манастирот Свети Илија Горни, во Скопска Црна Гора, се отвори Македонската Богословија - и професорскиот колегиум и учениците, верувам, не можеа ни да сонуваат вакво училиште; ниту со преместувањето овде во Драчево, истите тие ученици, како ни мојата генерација богослови од 1969 година, пак ќе речам, - не можевме ниту да посакаме, ниту, пак, да имаме вакви услови. На тогашната Богословија на располагање и беа само прилагодената зграда на некогашната општина и доградените приземни делови на источната и западната страна, со скромна и често проширувана барака за трпезарија, која се наоѓаше на местово од сегашниов нов објект. А тогаш бевме скоро уште за половина од вас побројни...
Но, еве, даде Господ, по молитвите на свети Климент, дочекавме, ако не како ученици, барем да видиме како повозрасни дека и нашата Богословија, не само што веќе не е како што беше, туку е богословско училиште какво што е потребно, богословски центар со кој пред никого нема да се посрамиме. Создадени се услови во кои и може и треба да се постигнуваат подобри успеси од некогашните, што ние ги постигнувавме. Затоа, од името на сите што учеа и се учеа, од името на сите досегашни, сегашни и идни генерации - професори и ученици, да им заблагодариме на сите за дарот и трудот, на сите што дадоа и подарија, на сите што на свој начин се вградија во ова здание, да заблагодариме и да Го помолиме Господа, Дарителот на се, да ги награди за покажаната грижа и љубов кон ова наше училиште.
Возљубени,
Често сум размислувал, и како ученик, и како наставник, и како ректор, па и сега, како поглавар за една констатација, дека каква Богословија имаме - таква и Црква имаме. Само доколку овде, во ова наше училиште, создаваме добри богослови - само тогаш ќе можеме да очекуваме и добри студенти по теологија, ќе можеме да очекуваме и добри пастири и добри работници во македонската нива Господова.
Мисијата на Богословијата, односно мисијата на богословите, е апостолска. И ако секој христијанин треба да биде мисионер и апостол, најпрво и најмногу треба и доликува тоа да биде богословот. И не е доволно само да научиме и да знаеме! - Богословот треба да е личност што ќе зрачи и секогаш и насекаде ќе постапува по она во што верува и исповеда, не заборавајќи дека градењето на христијанската и богословската личност трае колку и човечкиот живот.
Никогаш и никаде не научуваме доволно! - Затоа треба секој ден да се ослободуваме од лошите навики и постапки, трудејќи се да отфрлиме од себе се што е спротивно на христијанските добродетели и евангелските принципи.
Во животот на Светата Црква, од Христовото до нашево време, никогаш немало повеќе аргати отколку жетва (сп. Мт 9,37; Лк 10,2)! Секое време и поставувало или и носело на Светата Црква свои предизвици. И нашево совремие има свои. Имајќи предвид дека, како ученици, овде ги стекнуваме основните богословски знаења - библиски, догматски, етички, литургиски, пастирски и другите, сакам да ве повикам - искористете го времето предвидено со вашите пет години во Богословијата! Учете и научете колку што можете повеќе и подобро! - Нека ми биде и како исповед - најмногу и најдобро научив во Богословијата! Знаењето што го стекнав овде, ми помагаше и на факултетот и потоа, ми помага се до денес...
Со овој новоосветен параклис вие ја добивте најдобрата училница, најпотребната лекција и најбогатата трпеза. Сето што го учите долу во училниците, треба да го практикувате и потврдувате овде: долу теориски, а овде практично ќе го живеете и доживувате Бога. Само служењето и учествувањето во литургискиот живот на Црквата е учествување во животот на Царството Божјо. Бидете свесни дека без Христа Господа нема ни вистина, ни живот, ниту било каква вредност.
Богословијата, со овој прекрасен параклис, заличува на вистинско Светиклиментово училиште: имаме место каде што ги учиме првите духовни чекори, место каде што богословски проодуваме, место каде евангелски се надградуваме и, конечно, еве, место каде што подготвени ќе го примаме Лебот на животот, од Кој никогаш не се огладнува и ожеднува (сп. Јн 6,35).
Нека ни е честит чинот на осветувањето! По молитвите на свети Климента, Охридскиот Чудотворец, патронот на македонската Црква и земја, ова училиште нека создава богослови за достојна служба во нашата Света Црква и богоугодно служење на нашиот благочестив народ, а овој свет параклис нека биде место за спасоносни средби со Господа. Амин!
Извор: Повардарска епархија